Британскиот воздухопловен експерт Џофри Томас не ја исклучува можноста пилотитена јужнокорејскиот авион да заборавиле да ја активираат опремата за приземјување, вознемирани поради ударот во јато птици. Само две лица го преживеале уривањето на авионот на „Џеџу ер“ со 175 патници и шест члена на екипажот при слетување на јужнокорејскиот меѓународен аеродром Муан синоќа на полноќ според локално време.
Авионот „боинг 737-800“ на нискобуџетната локална компанија „Џеџу ер“ без отворена опрема за слетување се спуштил на аеродромската писта, удрил во ѕид и експлодирал во огромна огнена топка. Живи од урнатиот авион биле извлечени само двајца членови на екипажот, маж и жена, кои при слетувањето седеле до опашката.
– Се чини дека имало удар во птици, што оставило последица на десниот мотор. Тоа веројатно создало притисок врз пилотите, кои загрижени за моторот можеби едноставно заборавиле да ја активираат опремата за спуштање. Можеби состојбата на моторот била многу загрижувачка. Во таква ситуација во кабината се активира тревожен сигнал дека опремата не е спуштена – објаснува Томас.
Тој додава дека пилотите не најавиле вонредно спуштање без опрема. Во таква ситуација аеродромските служби може да ја подготват пистата со пена или други средства за што е можно помеко приземјување.