Почетна МакедонијаHannibal ante portas – лекции од Украина

Hannibal ante portas – лекции од Украина

од nenad
7 минути читај за

Методи Хаџи-Јанев / Фото: ”Слободен печат” – Драган Митрески Европа, западната либерална демократија, неспорно дека има капацитет, сили и средства да го произведе она што и треба за да води долготрајна и исцрпувачка војна со предизвикувачите (без разлика дали е директна или прокси), арно ама, има еден проблем. Тоа е времето.

   

Во периодот што одминува и што следува, како што рековме се посветуваме на научените лекции од оваа година. Тоа е воедно и сума на најголемиот дел од она што го говоревме, но е и можност да видиме каде сме погодиле, а каде сме утнале во процените. Како една од работите што ги говоревме беше логистиката. За да ја разбереме нејзината важност, се послуживме со една фраза од старите Римјани, која има свое значење и е многу слична на претпоставката што тие ја имале за Ханибал, како Европејците за Русија – дека нема да се случи. „Ханибал е пред портите“ во овој контекст има за цел да ја отслика неподготвеноста на Европа, па донекаде и на САД, и потпирањето на неодржливи претпоставки што ја доведоа до ова дереџе, исто како што Римјаните се надевале дека Алпите ќе го спречат Ханибал да стигне до Рим.

Тука, само накратко, веќе говоревме за тоа дека ЕУ целосно, или западната либерална демократија, неспорно дека има капацитет, сили и средства да го произведе она што ѝ треба за да води долготрајна и исцрпувачка војна со предизвикувачите (да, добро прочитавте, долга војна, без разлика дали е директна или прокси). Арно ама, рековме дека има еден проблем. Тоа е времето.

Тоа не значи дека ЕУ и глобалниот Запад нема да имаат алтернатива. Диверзификација на ресурсите има и западните земји може да го изведат тоа. Приказните дека целиот клуч е во Русија и во Кина се малку несериозни. Проблемот доаѓа од прашањето за колку време ќе може да го произведат сето тоа што им треба. Ако Русија, барем според Телеграф, почна да гради 2.000 км долга одбранбена линија, која ја утврдува на големо, тоа не значи дека тука и ќе застане. Идејата да падне Одеса е од многу одамна. Тоа ќе значи дека за тој дел од светот Русија навистина ќе го има главниот збор во секој поглед. Во практика, бидејќи нема да е само Одеса, тоа би значело дека Русија ќе треба да мисли како да го уреди и да го управува делот што е за 40 отсто поголем од она што сега го има од Украина (не од целата територија на Украина, ама пак е голем колач).

Со оглед на тоа што економијата е таа што игра значајна улога во планирањето на капацитетите, би рекле дека таа на некој начин ви е потенцијалната енергија. Тука, матрицата со која ги гледате работите е клучна за тоа дали ќе можете да видите што има зад ридот, или пак, ќе живеете до следните избори само затоа што немате решение или идеја како да го водите населението и да му ја кажете вистината дека живее во променет свет од оној кој го знае од пред некоја година.
Пандемијата со ковид-19 покажа дека кризата, ако е глобална, е проблем за Западот, бидејќи моделите на управување со безбедносниот сектор едноставно се фенси и добро звучат, но во практика некако лошо стојат. Тоа преведено значи дека „мајндсетот“ за капацитетите кај голем дел од лидерите во глобалниот Запад е искривен. Тука веќе говоревме за разликата помеѓу софистицираноста и масовноста. И, ако се сеќавате, рековме дека тоа е релативно.

Да, точно е дека софистицираната опрема има поголема ефикасност и затоа чини повеќе. Но, таа калкулација е само ако противникот не може да ве надмине неколкукратно со масовност. Претходно споменавме дека Русија ги зајакна своите производни капацитети и можноста за генерален ремонт или, што би рекле нашите западни пријатели, почна да прави „рефрбиш“ – репарација на оштетените возила. Тука, според анализите, а многу од нив може да се видат на Телеграф каде Русите сакаат да се пофалат, се гледа дека технологијата е на ранг на седумдесеттите години. И таман кога сте збунет и се прашувате – кој ѓавол им е на Русите да останат заглавени на ниво од седумдесеттите години сфаќате дека Западот има посериозен проблем. Тој тие бројки не може да ги постигне за дадено време. Уште повеќе, за да ги произведе тие средства, Западот има проблем со времето, но и со капацитетите.

Цената не само што е превисока (донекаде со право, поради технологијата), туку за да им парираат на Русите потребни се барем 70 отсто повеќе такви средства од оние што сега ги има. Пострашно е што и САД, кои немаат ваков проблем излегува дека сепак ќе го имаат, ако сакаат да играат глобално, на два па и на три фронта. Факт е дека повиците за зголемување на одбранбените капацитети и за подигањето на целата наменска индустрија се зголемија и станаа чести. Но, факт е и дека од војната во Украина, барем за стратешките оружја, стана јасно дека САД се назад година или две, некаде и до три во однос на испораката на тие капацитети. Пак да потенцираме – може да ги произведат, ама им треба време.
Оние што малку подобро разбираат работите веќе знаат дека со таквите податоци условно се намалува шпицот во можноста да одвратите некого, значи да создадете психолошка слика-убедување дека имате капацитет да го победите, ако ја помине црвената линија што сте си ја поставиле. Фенси, тоа се вика моќ за интегрирано одвраќање.

Тука во градењето на капацитетите, има и еден друг малку поапстрактен проблем. На пример, за разлика од Русите кои репарираат стара опрема, САД имаат повисоки стандарди кои диктираат голем дел од таа опрема да се расходува и да оди на уништување или на декомпозиција. Да, би рекле дека сето тоа е за да се одржи високиот стандард на работ од времето, арно ама Украина покажа дека и старата опрема, ако се поднови со сензори, може да функционира. Во превод, како кога гледате „сајанс фикшан“ филм од пред триесет години каде роботиката е некако поробусна, не е е онака фина и совршена како кога е полна со микропроцесорна електроника. Да не се лажеме, тука има контрааргументи што имаат тежина за тоа дали и колку овие средства би биле ефикасни, бидејќи дотраеноста на одредени сегменти, на пример цевката на системот или одредени други механички делови, е толку голема што не може да се поправат.

Друга група аргументи оди на контото дека микропроцесорната технологија е така создадена што бара малку подобра, понапредна платформа која ќе може да ја прифати и да се вгради. Било како било, предлогот не значи целосно решение, ама е решение кое може да ви скрати до цели триесет проценти од напорот, што е клучен фактор во градењето на капацитетите. Да не зборуваме за обуката – или за она што оперативците го велат да се спои опремата со живата сила – значи да се истренира и да се развие доктрина, тактики, техники и процедури како ќе се чува, употребува и ќе се одржува средството, не само да се употребува.

Реалноста, сепак, е таква што на Западот му недостигаат долгорочните артикли неопходни за брза изградба на огромни залихи потребни за борба на глобален план. Недостига способност и за брза преработка и проширување на производните капацитети без материјал и луѓе. И, како што веќе рековме, работната сила во наменската одбранбена индустрија има сериозен проблем кој има демографски коефициент.

Стареењето на населението, едукацијата, комодитетот и неконзистентните обврски за финансирање на одбраната и секако „посекси“ комерцијалните можности во другите сфери, имаат удел во ваквиот исход. Западот, а секако и ние ако сакаме да бидеме сериозни за таму, мора да научи дека она што потсекретарот за одбрана на САД, Бил Ла-Планте, го порача во октомври 2022 година, е битно. Тоа е дека „производството е одвраќање“! Со други зборови, за да не ме осудат квазилибералите, не е ова беседа за милитаризација, туку факт кој диктира дека Западот мора нешто итно да смени ако сака да продолжи да го има главниот збор, но и да биде сигурен арсенал на демократијата.

Впрочем, најголем дел од колачот на мирот е ако успеете да го одвратите непријателот. Ова бара и креативност и флексибилност за тоа како да се пристапи кон краткорочното одбранбено производство, додека преземате мерки да издржите во идната одбранбена индустриска база. Тоа значи дека треба да има подобра синхронизација помеѓу стратезите, оперативните планери, логистичарите, одржувачите и производителите. Тоа што е веројатно потребно за борбата е да знаете во кои услови ќе треба да работите, што е достапно во моментот, какви празнини постојат и што може да се направи за тие да се решат. Во реалноста на либералната демократија тоа значи институционална меморија. Ова во ЕУ, за кај нас во регионот да не говориме, е сериозен предизвик. Така што прашањето би требало да биде не дали ќе дојде, туку што кога ќе дојде!

(Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД)