Тестирањата во детската болница во Козле и Институтот за ТБЦ се потребни за да се открие дали уште 22 деца и неколку возрасни од привремени живеалишта за социјално ранливи групи сè уште имаат туберкулоза, пренесува „Сител“. Тие се поврзани со трите деца кои веќе се хоспитализирани во Козле и пациентот кој е на респиратор на Клиниката за детски болести.
Ние имаме термини за манту тестовите и по анализите ќе ја знаеме состојбата. Возрасните ќе одат во Институтот за ТБЦ и ако некој од нив е позитивен, ќе биде полесно да ги следиме децата, вели д-р Катерина Бошковска, раководител на одделот за туберкулоза во детската болница во Козле.
Лекарите во Козле прибегнуваат на смирувачки зборови, велат дека нема причина за паника, но и не треба да се стигматизираат сомнителните лица на туберкулоза. Во болницата не постои детален преглед за вакцинскиот статус на сите деца, бидејќи дел од нив немале здравствени легитимации.
Бројот е голем бидејќи се работи за многудетни семејства. Сепак, пандемијата со Ковид направи своето, бидејќи веќе три години сме се фокусирале на лекување на Ковид, имаме забележано зголемување и на случаеви на туберкулоза и на други болести како кардиоваскуларни и малигни, вели д-р Бошковска.
