Теоријата на заговор „Blue Beam“ првпат е презентирана од страна на канадскиот новинар и теоретичар на заговор Серж Монаст во раните 1990-ти. Монаст (почина во 1996 година) тврдеше дека проектот е план од четири чекори, оркестриран од Новиот светски поредок за воспоставување единствена светска религија, со една светска влада под нејзина контрола. Според него, оваа голема измама ќе вклучува комбинација од напредна технологија, холографија и психолошка манипулација. Слични се тврдењата и во објавата што ја рецензираме. Книгата од 1994 година беше брзо дискредитирана, но остана дел од навиките на теоретичарите на заговор. Најголемиот проблем со теоријата е дека никој всушност не успеал да започне нов светски поредок од објавувањето на книгата во 1994 година, при што повеќето светски влади остануваат окупирани со нивните локални проблеми. Никој никогаш не извел веродостојни емпириски докази во врска со кој било дел од Blue Beam. Blue Beam останува чисто шпекулативно, убаво парче научна фантастика, но ништо повеќе, пишува на сајтот на Мира Сејфти (mirasafety.com). Според теоријата, првата фаза вклучува симулирана инвазија на вонземјани со помош на холографска технологија. Ова ќе создаде масовна паника и ќе го обедини човештвото против заедничката „вонземска“ закана. Во втората фаза, планот наводно вклучува проектирање на религиозни личности како Исус, Мухамед или Буда на небото со помош на холограми. Ова ќе има за цел да ги убеди луѓето дека нивните религиозни верувања се потврдени, дополнително обединувајќи ги масите под една вера. Монаст тврдеше дека третата фаза ќе вклучува употреба на телепатска и електронска контрола на умот за манипулирање со мислите и верувањата на поединците што ќе послужи за зацврстување на едносветската религија и влада. Последната фаза според него воведува „Нов Месија“ кој ќе го води светот. Оваа фигура, без разлика дали е човечка или вештачка, би била врвниот авторитет и симбол на новиот светски поредок, сметаше Монаст. Теоријата на проектот Blue Beam наиде на голем скептицизам и критика. Многу експерти од различни области ги отфрлија неговите тврдења, наведувајќи го недостатокот на научни докази и изводливост. Критичарите тврдат дека технологијата потребна за таква детална измама би била далеку над нашите сегашни можности. Скептиците и експертите се сомневаат во изводливоста и логиката зад таков сложен план. Засега нема конкретни докази кои го поткрепуваат постоењето на ваков проект, оставајќи го цврсто во доменот на шпекулации и скептицизам, пишува медиумот Kluchit.
Blue Beam теоријата на заговор стигна во земјава
15