Почетна Убавина и здравјеИницијатива во чест на Марија Бунда Калпак која до последен здив се бореше против канцерот на дојка – Убавина и здравје

Иницијатива во чест на Марија Бунда Калпак која до последен здив се бореше против канцерот на дојка – Убавина и здравје

од nenad
3 минути читај за

Нејзината храброст и отвореност инспирира многу жени повеќе да се грижат за своето здравје и да преземат мерки за рано откривање на болеста

Измина повеќе од една година откако не напушти Марија Бунда Калпак, младата докторка која до последен здив се бореше против канцерот на дојка. Марија беше личност која многумина ја паметат не само по нејзината стручност, туку и по нејзината насмевка, позитивна енергија и неверојатен дух, кој носеше ведрина, мотивација и инспирација да се пребродат дури и најтешките животни предизвици. И покрај голготата низ која поминуваше, таа секогаш умееше да најде време да се сврти кон другите – да помогне, да поддржи, да едуцира, да сподели искуства. Отворено зборуваше за својата борба со надеж дека нејзиното искуство ќе мотивира други жени да се грижат за своето здравје.

Во едно интервју изјави: „Ако мојата приказна ги поттикне жените на било која возраст да прават редовни прегледи, ќе сметам дека сум ја постигнала целта.“ А постигна и многу повеќе. Марија неуморно ја истакнуваше важноста на превенцијата, почнувајќи од самопрегледи на дојките, па сè до специјализирани прегледи како ехо на дојки и мамографија. Преку своите едукативни објави, споделуваше корисни информации за болеста и даваше поддршка на сите кои минуваат низ истиот предизвик. Нејзината храброст и отвореност инспирира многу жени повеќе да се грижат за своето здравје и да преземат мерки за рано откривање на болеста.

Затоа, во нејзина чест и со голема гордост сакаме да ја продолжиме иницијативата што ја започна и на таков начин и понатаму да продолжи да се пренесува нејзината мисија за подигнување на свесноста за ракот на дојка.

Инстаграм профилот @m_checkyourboobs ќе биде платформата каде ќе се споделуваат сите активности и настани поврзани со оваа иницијатива, како и едукативна содржина за превенција нa рак на дојка. Марија беше креатор на овој интересен истовремено мотивирачки слоган кој и понатаму повикува на акција.


Поврзани објави

Па така во  месец октомври – месецот посветен на борба против рак на дојка се организира и донаторска акција. Оваа акција ќе биде активна од почеток на месец октомври и ќе трае сѐ до 3 ноември – роденденот на Марија, ден кој ќе нѐ потсетува на нејзината насмевка и ведар лик, и истовремено ќе нѐ повикува да сме активни, свесни и дејствуваме во розовиот месец октомври.

Во донаторската акција ќе може да се придонесе и учествува на повеќе начини: преку платформата ecrowd.mk каде е активна кампања за донации https://ecrowd.mk/projects/ca3cc8f4-db3b-4d44-8705-506b03d180ed, преку директни донации на трансакциската сметка од здружението кое го формиравме 210-077963230154, НЛБ банка како и со повици на телефонските броеви на Телеком 143 143 и А1 143 442.

Со собраните средства од спроведената акција за почеток постојат две цели и тоа: првата е да се набават ваучери од Medicus help за перики, протези и други помагала кои им се неопходни на пациентките со оваа дијагноза, кои ќе бидат донирани на Клиниката за онкологија и радиотерапија, а втората цел е со собраните средства да се обезбедат бесплатни прегледи за eхо на дојки и мамографија во дел од приватните клиники.

„Целта ми е да ја издигнам свеста за навремено откривање, па така секој еден преглед што ќе го поттикнам е голема среќа за мене” – Марија

Нејзината цел отсега е и наша цел! Оваа иницијатива не завршува тука, ќе остане активна во тек на целата година, а секој октомври ќе одржуваме традиционална донаторска акција, со надеж дека ќе се поттикне што поголема свесност за превенција на оваа болест.

Секој кој сака да се приклучи кон иницијативата и здружението формирано во чест на нашата Марија, може да се обрати на [email protected]