Почетна Македонија(ВИДЕО) Реновиран објектот на Здружението за промоција и развој на инклузивно општество “ИНКЛУЗИВА”

(ВИДЕО) Реновиран објектот на Здружението за промоција и развој на инклузивно општество “ИНКЛУЗИВА”

од nenad
2 минути читај за




Денеска во Куманово свечено беше отворен  реновираниот објект на здружението “ИНКЛУЗИВА”. Во објектот ќе се реализираат програмски и проектни активности на здружението “ИНКЛУЗИВА”, како и две социјални услуги за деца/лица со попреченост.

Здружението “Инклузива” во партнерство со општина Куманово, веќе подолг период работи на активности за создавање на услови за подобрување на квалитетот на живеење на децата/лицата со попреченост и нивните семејства во Општината, преку развој и унапредување на нови алтернативни форми за поддршка на овие граѓани. На настанот присуствуваше градоначалникот Максим Димитриевски. -“Многу ме радуваат ваквите проекти кога една идеја ќе се реализира на дело.

Овој дневен центар за работа со лица со попреченост „Инклузива„, на оваа локација веднаш спроти ООУ „Толи Зордумис„ ќе даде услуга на голем број деца од оваа категорија на наши сограѓани. Немаме намера да застанеме тука, еве и јавно ги повикувам и останатите, кои што се занимаваат со ваков тип на делување во општеството, да се одважат и да се вклучат со нови предизвици, со нови идеи. Општината е тука да помогне како што е и во првиот случај со дневниот центар „Порака Наша„, а и сега со „Инклузива„.

Помагаме и ќе продолжиме да помагаме. Воедно ќе потенцирам дека нивото на соработка со ресорното Министерство за труд и социјална политика кое што има дополнителни надлежности, сега мора да се интензивира, со цел во Куманово да се создаде еден центар за целосен пристап на лица од оваа категорија, бидејќи се соочуваат со сериозни проблеми.

Им посакувам на “Инклузива” час поскоро да се лиценцираат на национално ниво како би можеле да ги користат средствата кои што доаѓаат од државниот буџет, за да можеме да ги ослободиме нашите средства на локално ниво за промовирање на нови вакви проекти” – изјави градоначалникот Димитриевски.