Нивната љубов не избледува ни по 36 години врска и 27 години брак
Актерот Силвестер Сталоне неодамна го прослави својот 78. роденден. Иако ја гази осмата деценија, тој и понатаму снима филмови, но најголемиот дел од времето го поминува во друштво на најважните жени во неговиот живот – сопругата Џенифер Флавин (55) и нивните ќерки Систин Роуз, Скарлет Роуз и Софија Роуз Сталоне. Сопружниците и понатаму блескаат од среќа и така покажуваат дека нивната љубов не згаснува ни по 36 години врска и 27 години брак.
Се запознале во 1988 година. Џенифер тогаш била една од најбараните и најпознатите американски моделки, а Силвестер веќе двапати бил разведен и се наоѓал на врвот на филмската слава по неверојатните успеси на филмовите „Роки“ и „Рамбо“. Поради убавата Џенифер, холивудскиот „тепач“ ја прекинал врската со американската супермоделка Џенис Дикинсон, која по раѓањето на ќерката Савана Родин во 1994 година, тврдела дека детето е негово. Но со ДНК анализа, сепак, било утврдено дека таткото е музичкиот продуцент Мајкл Бирнбаум.
Силвестер и Џенифер Флавин се венчале во 1997 година, по раѓањето на најстарата ќерка. Најголемото искушение во својот брак го надминале пред две години, кога Џенифер поднела барање за развод. Како што се дознало подоцна, причината не била трета личност, туку финансиски неразумното однесување на нејзиниот сопруг, што многу ја загрижило и вознемирило.
Поврзани објави
Иако не потпишале предбрачен договор пред венчавката, меѓу сопружниците никогаш немало расправии, лоши зборови или обвинувања. Напротив, тие секогаш се поддржувале меѓусебно, па така Силвестер ја опишал својата жена како најпрекрасната личност на светот и додал дека се надева дека заедно ќе дочекаат уште многу незаборавни години.
Тактиката му успеала, па Џенифер го повлекла своето барање за развод по само еден месец и изјавила дека таа и Силвестер успешно ги разрешиле сите несогласувања. Сталоне го прославил овој настан со објава на Инстаграм и фотографија на која се држат за раце. Инаку, богатството на Силвестер Сталоне се проценува на околу 400 милиони долари.
ФОТО: Инстаграм @officialslystallone