Почетна ЕкономијаЗатоа што бил во синдикатот на полицијата, не станал раководител на Блаце – местото му го зел радиолог

Затоа што бил во синдикатот на полицијата, не станал раководител на Блаце – местото му го зел радиолог

од nenad
2 минути читај за

МВР сторило директна продолжена дискриминација врз помошник-генералниот секретар на Независниот синдикат на полицијата кога не го избрале за раководител на смена на граничниот премин „Блаце“, туку на интерниот оглас за раководител поставиле радиолог, објави Комисијата за заштита од дискриминација. Во огласот било наведено дека кандидатот што ќе биде раководител на смена на „Блаце“, треба да има завршено Економски, Правен или Факултет за безбедност.

Одбиениот кандидат пак, имал положен правосуден испит и бил магистер по правни науки. Комисијата за заштита од дискриминација побарала интерниот оглас да се поништи и во иднина МВР да се воздржи од дискриминација при изборот на кандидати пријавени на интерните огласи. Министерството за внатрешни работи го поништило огласот како што им било препорачано од Комисијата за заштита од дискриминација, ама на следниот оглас што го распишале повторно не го одбрале кандидатот од полицискиот синдикат со положениот правосуден испит и Правен факултет. Наместо тоа, на позицијата прераспределиле човек што воопшто не ни конкурирал на огласот.

 

Претходно истиот човек трпел реперкусии на начин што кога одржал прес-конференција во 2018 година дека униформите на полицијата не се доволно на број, го прераспределиле од полициска станица „Аеродром“ во „Блаце“, да патува секој ден 110 километри. Комисијата за заштита од дискриминација има утврдено 16 случаи на дискриминација од април до јуни годинава. Директна дискриминација е утврдена во 10 случаи, од кои три како дискриминација во потежок облик – во еден како интерсекциска, во друг како продолжена и во последниот како повеќекратна и продолжена дискриминација по перцепција.

Индиректна дискриминација се утврди во два случаи, вознемирување во шест, повикување, поттикнување и инструкција за дискриминација во два и виктимизација во три случаи. Во 16-те случаи на дискриминација, КСЗД утврди повреда на правото на еднаквост врз 13 различни основи. Најчесто утврдени основи на дискриминација во вториот квартал на 2024 година се сексуална ориентација и попреченост, а потоа следат етничка припадност, род и политичко уверување. Утврдени се и пет случаи на дискриминација врз друга основа: два врз основа на членување во синдикат и по еден случај врз основа на друг статус, место на живеење и оневозможување на пристап до работно место.

Најмногу случаи на дискриминација во вториот квартал на 2024 година, биле утврдени во областа на работата и работните односи, а потоа следат областите пристап до добра и услуги и јавно информирање и медиуми. КСЗД утврди дискриминација и во областите култура, образование, правосудство и управа, членување и дејствување во синдикални организации. Во еден случај се утврди дискриминација сторена во две области.