Table of Contents
Нашата пејачка може да се пофали со многу признанија во домашни и во светски рамки, но признава дека најмногу ѝ значат спонтаните пораки од луѓето што не ги познава
На годинешната „Златна бубамара на популарноста“ беше прогласена за најдобра пејачка, а минатото лето истата титула, само во светски рамки, ја доби и на натпреварот организиран од американската издавачка куќа „ЗАДА Рекордс“. И тоа не се единствените награди со кои може да се пофали Андријана Јаневска. Од незаборавниот хит „Твоето писмо, моја библија“, кој ѝ донесе огромна популарност, до денес, нашата пејачка и музичарка има постигнато многу значајни успеси на повеќе полиња. Имено, таа е прва виолина во Македонската опера и балет, а работи и како професорка на Факултетот за музичка уметност. Последно, нејзината прва книга „Македонското традиционално народно пеење во Мала Преспа, Голо Брдо и Гора“ се најде во продажба во сите книжарници на „Просветно дело“ низ цела Македонија. Со оглед на тоа што е и вљубеник во шахот, спортот и во мотоциклизмот, повеќе од јасно е дека станува збор за инспиративна жена со различни таленти и интереси. Темите за разговор со Андријана Јаневска се непресушни – во продолжение дознајте што ја исполнува најмногу, како ги балансира обврските и семејниот живот, но и што би ја направило уште посреќна во иднина…
Колку ти значат признанијата што ги добиваш?
Секако дека многу ми значат, затоа што потврдуваат дека она што го работам е слушнато и вреднувано. Сепак, најмногу ми значат оние спонтани пораки од луѓе кои не ги познавам, кога ќе ми кажат дека некој мој настап многу им се допаднал. Таков беше случајот со настапот на минатогодишната „Златна бубамара“, кога заедно со Игор Џамбазов ја изведовме песната „Ми заплакало селото Ваташа“. Мило ми е што на некој начин ја оживеавме оваа подзаборавена песна.
Денес од жената се очекуваат многу работи: да биде добра мајка и сопруга, да биде успешна во кариерата… Како се справуваш со овој притисок?
Обврските воопшто не ги чувствувам како притисок затоа што уживам во сите тие работи еднакво и на сите еднакво им се посветувам. Никогаш не сум била фокусирана само на една работа, па да ги занемарам другите. Сакам со сопругот да отидеме во природа или со децата да шетаме во парк, но убаво ми е и кога ќе имам некој настап или кога работам во студио. Секогаш гледам да има некаков баланс, работам брзо и ефективно и мислам дека во тоа е тајната.
Имаш повеќе интересни хобија. Успеваш ли да пронајдеш време за сите твои интереси?
Во моментов интензивно посетувам часови по италијански јазик и навистина уживам во учењето. Отсекогаш сум сакала постојано да се надградувам учејќи нови вештини, а на сите работи им пристапувам со голема посветеност. Моторот го возам од пролет до есен, понекогаш одам со него и на настапи, па така ги комбинирам работата и задоволството. Мило ми е што моите два сина ги „заразив“ со шах, па одат во училиштето на најдобриот шаховски тренер Орце Данчевски.
Постојат ли „денови за пауза“ во твојот живот?
Да, во недела речиси никогаш не работам, гледам тој ден да сме секогаш заедно со семејството, а доколку времето е убаво, задолжително одиме во природа. Во лето немам часови, па навистина имам доволно време да уживам во шетање низ нашата Македонија или пак на некоја друга дестинација низ светот.
Поврзани објави
Велат дека сјајот на задоволната жена блеска повеќе од која било шминка на светов….
Потполно се согласувам. Човек никогаш не треба да си легне гневен, туку благодарен. Јас во однос на физичкиот изглед не правам ништо особено, не посетувам салони за убавина, ниту сум била на некоја естетска корекција. Се чувствувам задоволно и исполнето речиси секој ден, благодарна сум што живеам спокојно. Во сите животни ситуации гледам да извлечам нешто добро и секогаш сум оптимист.
Кој човек е успешен човек?
Оној кој ќе успее да избалансира меѓу благосостојбата, здравјето, хармоничните меѓучовечки односи и личните достигнувања. Оној кој е спокоен и среќен. Успех е ако самите сме задоволни со својата состојба на умот.
Што те прави најсреќна моментално, а што би те направило уште посреќна во иднина?
Среќна ме прават најобичните работи и активности, како на пример, земањето на децата од училиште и одењето на сладолед, гледањето филм навечер… Среќна сум кога сите сме заедно со семејствата на сестра ми и брат ми, кога сите сме здрави и сите на број. Среќата е насекаде околу нас, само треба да ги рашириме рацете и да ја прифатиме.
Разговарала: Марија Лукаревска
ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА