Почетна Убавина и здравје„Изгледот во мојата професија е важен, но уште поважно е што има некој да каже“ – Убавина и здравје

„Изгледот во мојата професија е важен, но уште поважно е што има некој да каже“ – Убавина и здравје

од nenad
3 минути читај за

Водителката и новинарка Јована Аврамовска ни откри што сака и што не сака кај себе

Порано ги освојуваше симпатиите на јавноста како дел од екипата на сатиричната емисија „Фчерашни новости“, а денес се обидува да најде одговор на прашањето „Што го врти светот?“ преку својот поткаст, во кој како соговорници се појавуваат успешни луѓе од различни области. Јована признава дека изгледот е важен во нејзината професија, но смета дека уште поважно е што има некој да каже…

Како се има менувано твојата перцепција за убавината низ годините?

Повеќето луѓе, добрите луѓе, секогаш ми биле убави. Но долго време се борев со сопствената самодоверба, особено во тинејџерските години. Косата ми беше премногу густа, задникот преголем и ме нервираа пегичките на лицето. Сега сфаќам дека многу од тие работи биле резултат на некои мои заблуди за тоа како треба да изгледам и сега си ги сакам сите овие работи. Мислам дека со текот на годините добиваме реална слика за тоа кои сме и почнуваме да си се сакаме. Ама тоа е процес, се трудам да бидам понежна кон себе.

Јавна професија како твојата изискува среден и негуван изглед во секое време…

Точно е дека во мојата професија изгледот е важен, но мислам дека уште поважно е што има некој да каже. Убавината сама по себе не те прави водител, а најмалку активист. Во однос на грижата за себе, вежбам неколку пати неделно, многу пешачам, користам убава козметика и одам на козметичар еднаш неделно. Од нега користам и сакам сè: редовното чистење на лицето е задолжително, користам хијалуронски серум и ставам крем за силна хидратација со Б5 бидејќи имам доста сува кожа.

Велат дека сјајот на задоволната жена блеска повеќе од која било шминка на светов…

Поврзани објави

Целосно се согласувам со тоа! Мојата внатрешна убавина ја негувам со тоа што се трудам да поминам време со луѓето што ги сакам. Верувам дека луѓето со кои живеете, се дружите и работите се половина здравје. Јас уживам да поминувам време со Предраг и Илин, со моето потесното и поширокото семејство, со другарките и нашето друштво. Изминативе 11 години сум била дел од многу тимови и сфатив дека премногу време поминуваме со колегите за да не ни влијаат врз изборот на работното место. Многу ми беше важно да станам дел од квалитетен тим со кои работата ми е убава и заедно се буткаме напред.

Сметаш ли дека денешните стандарди за убавина им вршат преголем притисок на жените?

Мислам дека стандардите за тоа што е убаво тело беа многу пострашни и повисоки во 2000-тите години, кога јас бев дете. Сите беа екстремно слабички, секој грам плус се сметаше за дебелко или полничко. Имаме напреднато во тој поглед, а тоа е делумно поради инфлуенсерките и јавните личности, но и компаниите кои промовираат телесна позитивност. Но кога станува збор за лицето, стандардите ни се страшни. Нереално полни усни во комбинација со закосени очи, големи јаболчници и мало носе. Но мислам дека и ова ќе се менува.

Што сакаш, а што не сакаш кај себе?

Не сакам што некогаш не си се сакам и си барам секакви мани. Генерално, несигурна сум околу делот околу колковите каде најчесто ми оди секое дополнително килце. Што си сакам? Сега си ги сакам пегите, густата коса и некои денови сакам сè кај себе. Си ги сакам очите, особено сега кога ги гледам кај мојот син.

Кои се твоите совети за поголема самодоверба?

Секогаш се подготвувам. Доколку сум подготвена за одреден настан или емисија секогаш имам поголема самодоверба, која произлегува од тоа знаење. Се трудам да носам облека во која се чувствувам убаво. Кога сум во друштво или на снимање, се фокусирам на разговорот и на тоа што се случува и уживам.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА, ИНСТАГРАМ