Table of Contents
И двете фракции ја поздравија Пекиншката декларација, во која само се изразени намери и нема никакви конкретни рокови. „Ова е уште еден позитивен чекор на патот за постигнување палестинско национално единство“, изјави претставникот на Хамас, Хосам Бадран Лидерите на завојуваните палестински партии Фатах и Хамас потпишаа уште една декларација, овој пат за формирање влада на единство, но сѐ уште се далеку од вистинско помирување.
Пекиншката декларација е завршниот документ што по тридневните преговори го потпишаа високите претставници Махмуд ал Алул од Фатах и Муса абу Марзук од Хамас, како и делегации на уште 12 други палестински партии и фракции. Организатор и домаќин на средбата беше кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји. Шизмата помеѓу главните палестински партии почна пред 17 години, кога претседателот Махмуд Абас, лидер на Фатах, ја укина регионалната влада на Хамас во Газа. Милитантната група победи во Битката за Газа, во која беа загинаа повеќе од 250 борци на двете страни, како и стотина цивили. Хамас ја зацврсти власта во Газа, а Фатах на Западниот Брег.
Оружениот судир траеше една година, а процесот на помирување се одвива веќе 17 години, со многу потпишани декларации и договори, но без какви било конкретни чекори. Новата посредничка иницијатива на Кина беше поттикната заради што побрз крај на војната помеѓу Израел и Хамас и страдањата на цивилите во Газа. Поставувајќи услови за крај на војната во Газа, израелските власти инсистираат Хамас да биде „уништен“, а Фатах да не учествува во новоизбраната власт на палестинскиот регион. И двете фракции ја поздравија Пекиншката декларација, во која само се изразени намери и нема никакви конкретни рокови.
– Ова е уште еден позитивен чекор на патот за постигнување палестинско национално единство -изјави претставникот на Хамас – Хосам Бадран.
Тој додаде дека главните и сите други партии присутни на средбата ги потврдиле палестинските услови за крај на војната – постигнување прекин на огнот, целосно повлекување на израелските сили од Газа, доставување хуманитарна помош и обнова на регионот. Дури кога ќе се постигнат тие цели, ќе бидат засилени напорите за формирање влада на национален консензус, која би презела одговорност и за жителите на Газа и на Западниот Брег, за надгледување на процесот на реконструкција и за подготовка на избори. Претставникот на Фатах им изрази благодарност на кинеските власти за организирањето на средбата, но не ја коментираше содржината на документот. Израел, пак, категорично ја отфрли Пекиншката декларација.
– Наместо да го отфрли тероризмот, Махмуд Абас ги прегрнува убијците и силувачите од Хамас, откривајќи го своето вистинско лице. Ова нема да се случи во реалноста, бидејќи владеењето на Хамас ќе биде уништено, а Абас ќе ја гледа Газа од далеку. Безбедноста на Израел ќе остане во израелски раце – објави шефот на дипломатијата Израел Кац.
Кина објави дека ќе продолжи со мировните напори.
– Помирувањето е внатрешна работа на палестинските партии, но тоа не може да биде постигнато без поддршка од меѓународната заедница – изјави министерот за надворешни работи Ванг Ји.
Пекинг и во април организираше разговори на Хамас и Фатах, а Ванг најави план во три чекори за крај на војната во Газа – промовирање траен прекин на огнот, признавање на принципот „Палестинците да владеат со Палестина“ и признавање на Палестина во Обединетите нации, во рамките на решението „две држави“. Кинеската поддршка за независност на Палестина има корени уште од времето на владеењето на Мао Ѕедонг, кој праќаше оружје на низа ослободителни движења низ светот. Мао честопати ги споредуваше Израел и Тајван како „бази на западниот империјализам“.
По терористичкиот напад на Хамас и израелската реакција во Газа, кинескиот претседател Сји Ѓинпинг ја истакна важноста на проектот за независна палестинска држава и испрати дипломати во мировни мисии на Блискиот Исток. Оваа иницијатива се поклопи со амбициите на Пекинг да се наметне како посредник за надминување светски кризи, извршувајќи ја таа улога поефикасно од Америка. Токму Пекинг лани беше посредникот за договорот помеѓу Иран и Саудиска Арабија да ги обноват односите по 2016 година.