Почетна Убавина и здравјеПо една година се сретнав со мојот опсесивен бивши дечко, беше многу незгодно! – Убавина и здравје

По една година се сретнав со мојот опсесивен бивши дечко, беше многу незгодно! – Убавина и здравје

од nenad
5 минути читај за

Хелоу друштво, повторно јас со моите дешавки, животни дилеми и размислувања кои морам да ги споделам со вас, бидејќи ќе пукнам ако не се искажам!

Сигурна сум дека барем еднаш во животот имате почувствувано немир во душата кога ќе сретнете некоја личност од вашето минато, која можеби сте заборавиле дека постои а некогаш заземала голем и важен дел од вашиот живот. Некогаш дури и сте ја сакале таа персона, но денес си велите – фала му на бога што веќе не е во ваша близина.

Мислам дека можете да погодите на кого налетав вчера…

Ladies and gents, човекот со кој залудно потрошив скапоцено време и живци, најголемиот и***т кој сум дозволила да ми се вовлече под кожа… мојот бивши дечко!

Секој од нас има свои приказни со бившите – некои се помалку а некои повеќе трагични, или пак смешни, а некои се едноставно комлицирани, баш како индиска серија, траат по илјада епизоди и во секоја епизода има некој нов пресврт.

Мојава ситуација со Матеј беше бетер од индиска серија, на моменти дури и се чудам како можев да бидам во врска со овој типец цели 3 години… Од каде ја имав таа сила да се справувам со сите негови постапки, будалаштини, глупости?

Искрено ќе ви кажам, јас никогаш не сум била тажна поради разделбата со него. Во ред, на почетокот го сакав, имаше и некои убави моменти, да не грешам душа, но по 5 месеци од нашата врска почна неговата ненормална опсесивност да излегува на виделина.

Неговата „љубов“ беше толку интензивна и задушувачка што често се чувствував како да сум во кафез. Тој секогаш имаше потреба да знае каде сум, со кого сум и што правам.

Не беше необично да добијам десетина пораки во текот на само неколку минути ако не му одговорам веднаш. Се сеќавам, еднаш седев во Деус на кафица со другарките од факс, и ете ти го манијакот со пораките, ѕвони 5 пати по ред, иако веќе му кажав каде сум и што правам.

Ајде, шестиот пат одлучив да му кренам, и секако дека зажалив. Со цел памет типот ме праша: „Седат ли мажи во кафичот?“

Е, не бе, срц, само жени одат во Деус, напред стои знак – забранет влез за мажи…

И секако дека тој разговор преиде во драма и голема кавга, па на крајот уште јас сум била крива затоа што сум излегувала со другарките и не сум му обрнувала доволно внимание.

Поврзани објави

Ситуацијата стана апсурдна кога почна да мe лаже дека има срцеви проблеми за да го спречи мојот обид да му раскинам. На почетокот, бев загрижена и сочувствителна, но брзо сфатив дека неговите срцеви проблеми беа само дел од манипулативниот план кој го скроил да ме држи покрај себе.

Беше како да играм улога во некоја лоша сапуница. Секој пат кога ќе спомнам раскинување, тој почнуваше да глуми дека не му е добро, ставајќи рака на срцето и драматично велејќи: „Како не ти е жал за мене, ти ме разболе а јас ништо не ти направив лошо, само многу те сакам“.

Со текот на времето, собрав храброст и одлучив дека нема да дозволам неговите манипулации да ми го уништат животот. Раскинувањето беше како што можете и да претппоставите, тешко и драматично. Почна да плаче, па потоа ме блокираше на сите социјални мрежи… дури и го фатив како ме следи месец дена откако раскинавме. Но на крајот, успеав целосно да го раскинам односот и да се ослободам од неговата токсична опсесија. Почувствував како да сум излегла од темен тунел и повторно да гледам светлина.

И еве нè сега, една година подоцна, додека шетав по Партизанска, го видов Матеј како доаѓа кон мене од спротивната страна на улицата. Моето срце почна да чука побрзо, не од љубов, туку од шок. Тој изгледаше исто, со истиот интензивен поглед кој некогаш ме плашеше. Неговата реакција беше баш каква и што очекував да биде, кринџ на макс. Со широка насмевка и блескави очи, тој рече:

„Охооо… па кого гледам, кај си ти долго време не сме се виделе!“

Мојата прва мисла беше да се направам на Тошо, демек не сум го слушнала и не сум го познала, но одлучив да се соочам со ситуацијата. Разговорот беше незгоден, но не без комични моменти. Тој се обиде да глуми како да сме стари пријатели, кои случајно се сретнале. Јас, пак, се обидов да бидам учтива, но секој мој одговор беше проследен со нервозно смеење. На крајот на краиштата, тоа беше човекот со кој што поминав доста патешествија, и до одреден момент навистина го сакав.

Како си со срцето, дали добро те служи, имаш ли уште проблеми?“– го боцнав затоа што жива немаше да останам ако не му го спомнев тоа.

„Подобар сум сега, фала му на бога“, одговори со една искривена фејк-насмевка, па веднаш возврати на мојот „удар“:

„Откако раскинавме јас и ти, срцето ми стана како ново, нема веќе кој да ме нервира.“

„Ете гледаш, јас мислев на тебе и твоето здравје, затоа и ти раскинав… Баш ми е мило што си подобро“– не останав и јас покуса.

И класика, разговорот заврши со фразата: „Ајде да пиеме кафе деновиве“, што се разбира дека нема шанси да се случи, мислам, хелоу, не ја почнувам одново истата приказна…

Среќавањето со бившите е како да отворате старо, прашливо писмо. Секогаш носи со себе мешани чувства – од носталгија и љубопитност до чиста непријатност. Но ваквите ситуации нѐ потсетуваат на важноста да се смееме и да го прифатиме минатото како дел од нашето патување. Сите тие приказни и ситуации нѐ обликуваат и нѐ учат на важни животни лекции.

Моето среќавање со бившиот дечко беше потсетник дека сум израснала и сум станала посилна, дека можам да се смеам на некогашните драми и дека сум способна да се справам со секоја ситуација со малку хумор и многу самодоверба.

Дали и вие имате некои интересни слuчки со бившите кои сметате дека вреди да се споделат?

Можете слободно да нè контактирате на [email protected].

Пишува: Stargirl