Почетна Убавина и здравје„Еден ред чоколадо е за душа, цело чоколадо е немарност!“ – Убавина и здравје

„Еден ред чоколадо е за душа, цело чоколадо е немарност!“ – Убавина и здравје

од nenad
7 минути читај за

Постојано активна на повеќе фронта, Ана Стојанова не престанува да ги изненадува своите следбеници на социјалните мрежи со оригинални фитнес-предизвици и креативна содржина во чиј фокус секогаш е здравиот и балансиран животен стил. Моментално е актуелна со новиот летен предизвик, на којшто полека му се ближи крајот, а кој само најупорните и најпосветените ќе ги одведе на Тајланд! Овој пат со познатата фитнес-инфлуенсерка разговаравме за посуштински нешта, со цел да ја запознаеме подобро личноста која за многумина претставува инспирација.

Што ти го окупира вниманието во моментов?

Долго време ми требаше да препуштам дел од контролата и да ги поделам обврските што ги носи оваа работа. Веќе шест години сум активно изложена пред јавноста и полека и многу внимателно ги одбирав луѓето на кои можам да им верувам. Бев свесна дека за долг, стабилен и успешен бизнис најважен е тимот за да можам јас, како Ана, да му се посветам единствено на она што го знам најдобро: вкусните менија, брзите вежби што носат резултати и, нормално, Инстаграм и целата содржина таму.

Што те охрабрува да продолжиш со работа во тешките мигови?

Со сигурност знам дека тие мигови ја изградија личноста која сум денес. Мојата силна амбиција и темпераментот често знаеја да ми предизвикаат непријатни ситуации, особено со најблиските. Успехот не се случува прекуноќ и потребни се години и години за некој конечно да го забележи твојот труд… Не е многу забавно како што изгледа и важно е само да не се откажеш. Буквално, што и да е – ќе помине, и добро и лошо. Во тие мигови се родија најдобрите идеи кои денес ме донесоа токму тука.

Годинава го прослави 30-от роденден. Имаш ли чувство дека времето поминува премногу брзо?

Уф… ако со нешто сè уште се борам и не можам да го прифатам лесно, тоа е дека старееме. Свесна сум дека секоја возраст си носи своја убавина и лекција, па морам да признам дека доста релаксирано и подготвено ги дочекав 30-тите. Моите 20-ти не беа преполни со забави и дружење, бев фокусирана на работата и од денешна перспектива навистина сум горда што не потклекнав на сите искушенија и авантури кои ги носат тие години. Можеби и затоа толку тешко ми паѓа стареењето. Понекогаш си мислам дека нешто сум пропуштила и се чувствувам тажно, но се знам себеси и сметам дека ќе изгубев многу повеќе ако не го работев ова денес. Родена сум со мисија да им помогнам на жените и го чувствувам тоа, па затоа и со помош на моите програми и начин на живот ќе направам староста да почне многу, мнооогу подоцна и кај нас. Жена на 50 или 60 години не е стара жена и нејзиниот изглед треба да биде за пример на новите генерации.

Што сѐ се очекува од жената денес и може ли да се одговори на сите очекувања?

Растени сме во патријархално општество, а се обидуваме да се вклопиме во модерниот начин на живот. Не е невозможно ама е потешко. Најтешко е кога имаш насока и визија, а те кочат старите вредности и сфаќања на фамилијата, околината или партнерот. Порано се знаело дека по напорен ден на работа, мажот очекува од жената да направи ручек и тоа да го чека послужено на маса, што за мене е сосема во ред ако жената е домаќинка, а тој е човекот кој ја издржува фамилијата. Феминизмот се создаде во моментот кога машкиот свет одлучи дека и жената треба да плаќа даноци и да оди на работа, каде што ќе биде помалку вреднувана од мажот, а во исто време да ги прави и завршува истите обврски дома. Силата на мажите доаѓала од независноста, која сега во силен замав ја имаме и ние жените, а со тоа имаме и моќ да го поставиме балансот во светот што ни е потребен.

Какви жени те инспирираат?

Обожавам да ги анализирам жените, гледам на тоа како дел од мојата работа. Ние сме слатко-луто-кисели бонбони во исто време, но од секоја може да се научи нешто. Верувам дека никој не го очекува овој одговор од мене, но статусот или тоа колку една жена заработува не е мерило за успех. Како што поминуваат годините, сфаќаш дека единствената и најтешката борба е да останеш среќен во ова време. Според мене, успешна жена е онаа што си создала свој мал, избран круг на пријатели, доволно е храбра да ја напушти работата која одамна не ја исполнува, не се обвинува себеси ако дури ни во 40-та не го пронашла својот партнер или не успеала да создаде фамилија, знае што сака и со сигурност знае да каже НЕ. А многу поважно, не се омаловажува затоа што во ова време одлучила да ѝ се посвети на фамилијата и да чува деца. Сите овие жени се за пример, а заедничко им е тоа што секоја од нив се изборила да го живее животот што го посакува и среќна е со својата одлука.

Покрај сите обврски и ангажмани, наоѓаш ли време за себе?

Во мене спие тежок хедонист, млада атлета и стар боем, а јас морам да ги негувам тројцата. Вистина е дека ми требаше време за да стигнам до ова ниво на опуштеност, тоа најдобро го знае мојот сопруг. Во слободните мигови често знаев да се почувствувам анксиозно и виновно дека не го искористувам времето правилно и продуктивно. Наместо да им се радувам на успешно завршените проекти, веднаш почнував нови. Во моментот кога почувствував дека работата ми претставува товар, а не задоволство, направив мал чекор назад. Ги запишав сите работи што ме прават среќна и како си го замислувам совршениот ден. Излезе дека не сум многу комплицирана, само малку повеќе амбициозна, а богами и креативна. Го променив начинот на функционирање, легнувам рано, станувам рано. Одам на тренинг и денот почнува токму онака како што го замислував. Уживам да готвам и следната цел ми е да имам повеќе време за тоа. Ме смирува чист дом и свежо цвеќе, сакам да пијам кафе од убава шолјичка… Научив да им посветувам внимание на работите кои се толку мали што не сум ни забележала колкаво задоволство ми причинуваат. Сакам да го поминувам времето со луѓе кои ме смеат, многу сакам да се смеам.

Која беше Ана Стојанова порано, а која е денес?

Минатата недела на гости ми беше мојата другарка од детството, која денес живее во Амстердам. Другар ми е фризер, па кај мене дома ѝ правеше пробна фризура за нејзината свадба. Јас бев во кујна и правев јадење, а тие си разговараа мислејќи дека не ги слушам. Го слушнав како ja прашува: ,,Каква беше Ана порано’’?! Другарка ми направи пауза и рече: ,,Ана?! Иста! Нејзе не ѝ е важно ни кој си ни што работиш, сè додека ја смееш.’’ Не можам да ви опишам колку беше сладок и важен тој момент за мене. Среќна сум што успеав да изградам силен и стабилен бизнис, без да го изгубам палавото дете во мене. Или како што моја друга пријателка знае да каже: ,,Ти си најлудата и најразумната личност што ја имам запознаено’’.

Кои се петте најважни фитнес-лекции што сметаш дека секоја жена треба да ги знае?

1. До 30-тата, мора да ја имаш пронајдено твојата омилена физичка активност, гравитацијата од година во година сè помалку е на наша страна.

Поврзани објави

2. Еден ред чоколадо е за душа, цело е немарност.

3. Единствен лош тренинг е оној што ќе го пропуштиш.

4. Никогаш нема да имаш доволно време, почни сега.

5. Диетата има рок на траење, во Peach Army е животен стил.

КРАТКИ ПРАШАЊА СО АНА СТОЈАНОВА

1. Омилен утрински ритуал… тренинг на гладно.

2. Јадење што би го јадела неограничено кога калориите не би биле важни… сирење.

3. Омилена вежба… Hip abductor.

4. Омилен десерт… замрзнати урми со путер од кикиритки и чоколадо.

5. Кога би можела да одбереш една супермоќ, таа би била… да ги извадам алчноста и лакомоста од секого, за да престане да се врти светот околу парите.

6. Уште веднаш би се преселила во… убаво ми е овде, можеби некој ден во Сиднеј, Австралија.

7. Што најмногу сакаш кај себе… никогаш не грешам во проценката на луѓето.

8. Што не сакаш кај себе… премногу им угодувам на луѓето.

9. Опиши се со еден збор… храбра.

10. Кај луѓето најмногу те нервира… ме нервираат бавни и мрзливи луѓе.

11. Три работи без кои не можеш да си го замислиш животот… тренинг, салата и блиски пријатели.

12. Убавина или здравје… не можеш мене тоа да ме прашаш, и двете во едно.

13. Талент што би сакала да го поседуваш… би имала сериозна балканска кариера ако знаев да пеам.

14. Твојот најголем страв е… авион.

15. Најголемата животна лекција што ја имаш научено е… секого земај го со резерва.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: АНТОНИО СТАНКОВ, ПРИВАТНА АРХИВА