Во рок од 30 дена по завршувањето на изборите, медиумите требаше да ги добијат парите за кампањите на Државната изборна комисија за едукација на гласачите за остварување на избирачкото право и за фер и демократски избори. Но, парите воопшто не биле испланирани во државната каса?!
Со ребаласот ќе се обезбедат и 322 милиони денари (5,2 милиони евра) за Државна изборна комисија (ДИК) кои не беа испланирани за исплата на медиумите согласно Изборниот законик, а за кои постои законска обврска, соопшти министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. Медиумите, пак, со нетрпение ги чекаат парите за објавените реклами и соопштенија од ДИК за парламентарните и за претседателските избори за кои роковите за исплата веќе се изминати.Од Државната изборна комсија за „Слободен печат“ велат дека навреме побарале да им бидат префрлени пари од Министерството за финансии, но и покрај нивното инсистирање во два наврати, претходниот министер за финании Фатмир Бесими не дал зелено светло за исплатата.
– Буџетот за рекламирање се определува пред избори. Ние, заедно со Министерството за финансии, го уврдивме тој буџет. На стартот не ни беа исплатени 200 милиони денари. Потоа, требаше да ни бидат префрлени уште 200 милиони. Зборуваме за вториот круг на претседателските, како и за парламентарните избори. Доколку тие пари ни беа префрлени, а ние не ги префрливме на медиумите, тогаш ние ќе бевме виновни. Вака, ние баравме, ама не добивме пари од Министерството – вели Александар Даштевски, претседател на ДИК.
Тој објасни и дека рокот за исплата е веќе изминат затоа што е 30 дена по завршување на изборите. Како што е познато, првиот круг на претседателски избори се одржа на 24 април, а вториот круг заедно со паламентарните избори беше на 8 мај.Ребалансот на Буџетот помина завчера на седница на Владата. Тој се доставува во Собранието и, според Деловникот на Собранието, пратениците би требале да го изгласаат до 8 август. По усвојувањето на ребалансот, медиумите ќе може да ги очекуваат парите што им ги должи државата.
Според Изборниот законик „кампањите на Државната изборна комисија за едукација на гласачите за остварување на избирачкото право и за фер и демократски избори не се сметаат за платено политичко рекламирање. Тие треба да бидат издвоени од другиот дел од програмата и нивниот нарачател да биде јасно означен“.Како што изјави новата министерка за финансии Димитриеска-Кочоска, за многу законски обрски за исплати од државната каса воопшто немало предвидено пари во основниот Буџет. Таа изјави и дека има големи долгови кон приватни компании.При изгласување на измените на Законот за финансиска дисциплина, министерот, во текот на минатата година, кога имаше намалување на роковите во кои јавниот сектор треба да му плаќа на приватниот, Бесими рече:
– На ваков начин се создава предвидливост за компаниите и се поддржува ликвидноста на стопанството. Ова е особено значајно за компаниите во услови на економска криза.