Почетна ЕкономијаАктивен пожарот на планината Серта во штипскиот регион, нема опасност по селата Драгоево и Селце

Активен пожарот на планината Серта во штипскиот регион, нема опасност по селата Драгоево и Селце

од nenad
1 минути читај за

За само еден ден опожарени се над 100 хектари ниско стеблеста, дабова шума и мал дел на борова шума на планината Серта меѓу штипските села Селце и Драгоево, изјави за МИА командирот на Територијалната противпожарна единица од Штип, Благој Ренџов.

Тој посочува дека пожарот оди во правец на воениот полигон Криволак.

– Утринава околу пет часот рано наутро излегоа на терен две екипи на пожарникари, имавме помош од месното население од селата Драгоево и Селце и од Ловното друштво.

Имавме помош и од воздух – еден хеликоптер на МВР, но поради високите температури, хеликоптерот беше повлечен околу 13 часот.

Теренот е непристапен, само може да се гаси од воздух, изјави Ренџов за МИА.

Од Министерството за внатрешни работи информираа дека денеска полицискиот хеликоптер од типот Бел-412 од Одделот за воздухопловни единици кој дејствуваше врз пожарот што избувна на планината Серта меѓу штипските села Драгоево и Селце во 10 налета исфрлил над 15 тони вода.

Командирот на ТППЕ-Штип, Ренџов за МИА вели дека утре во пет часот повторно ќе излезат на терен. – Поголем дел е локализиран, но пожарот се шири кон Криволак.

Двете села Селце и Драгоево се безбедни и нема опасност за нив.

Стапивме во контакт со АРМ, утре најверојатно и војската ќе биде ангажирана и се надеваме дека ќе имаме поддршка од воздух, со што ќе успееме да го локализираме пожарот, вели Ренџов.

Секое лето има пожари на овој потег, а пожарникарите и сите институции се ангажираат на терен на овој непристапен планински терен. вдј/бак/Фото: МИА и МВР  .

Извор: МИА