Постојат намирници што пожелно е да се јадат наутро, бидејќи му нудат многу придобивки на организмот, а и ги топат килограмите
Појадокот е првиот начин на внесување енергија на почетокот од денот по долгата ноќ. Некои луѓе претпочитаат да појадуваат првите неколку часа по будењето, додека други чекаат до подоцна во денот кога ќе им се зголеми апетитот. Меѓутоа, редовниот појадок е едно од поважните правила ако сакате да ја доведете линијата до совршенство. Освен тоа, уште поважно е како ги комбинирате намирниците.
„Појадокот треба да го изедете најдоцна еден час по будењето. Резерви на глукоза во црниот дроб треба да имаме најмногу за 1,5 час, а глукозата е неопходна за енергијата, бидејќи ги покренува мускулите. Количеството и видот на храна директно зависат од возраста, полот, здравствената состојба, физичките и менталните активности што нè очекуваат“, истакнуваат нутриционистите.
Тие истакнуваат дека појадокот мора да ги содржи сите главни хранливи состојки.
„Протеини внесуваме преку јајца, млечни производи, немасни квалитетни сувомеснати производи. Од јаглехидрати најдобри се лебот или тостот, но треба да знаете дека многумина се подуваат од лебовите или печивата од интегрално брашно со разни семиња, како и дека тие содржат повеќе калории и повеќе хемија, бидејќи се направени со цел подолго да останат тазе“, објаснуваат нутриционистите и додаваат:
„Третиот нутриент се маснотиите што ги внесувате преку млечните производи и тука треба да внимавате – не треба да ги одбегнувате, бидејќи на хормоните и на витаминот Д им требаат маснотии.“
Поврзани објави
Секако, важни се и течностите што можеме да ги внесеме преку млеко, јогурт, кисело млеко, но добро е да пиеме и чај. Ако ви годи тоа, можете да изедете и малку свеж зеленчук со појадокот.
Истиот став го делат и гастроентеролозите, кои се согласуваат дека за појадок најдобро е да се комбинираат јајца и јогурт.
Овие две намирници го поттикнуваат здравјето на цревата. Јогуртот е ферментиран со природни бактерии и квасец, претставувајќи природен извор на пробиотици. Од друга страна, јајцата се полни со нутритивни вредности, како што се протеини, омега-3 масни киселини, витамин Б и витамин Д.
„Микробиомот богат со добри бактерии е значаен не само за правилното варење, туку и за здравјето на имунитетот, регулацијата на расположението, а може да игра улога и во спречувањето на когнитивниот пад. Затоа, многу е важно да го започнете денот со храна што го поттикнува здравјето на цревата. Јајцата и јогуртот се одличен начин да добиете протеини што ќе ве заситат, како и здрави пробиотици, кои се одлични за диверзификација на микробиомот во вашите црева“, заклучуваат експертите.