Кога еднаш ќе станете мајка, вашиот живот ќе се промени засекогаш. Повеќе нема да ја имате целата слобода на светот, да го имате луксузот да ги ставате своите потреби на прво место и да носите спонтани одлуки… барем не во првите години од животот на вашето малечко. Ќе ви недостигаат многу нешта кои претходно сте ги имале, но не сте ги ценеле.
Поминете низ листата на „мали луксузи“ кои ќе ги цените многу повеќе во месеците откако ќе го чуете првиот плач на вашата најголема радост. Доколку сте во блажена состојба, не прескокнувајте ниту една потточка.
Мудрите зборови на вашата мајка
Советите од вашата мајка ќе звучат помоќно кога ќе имате свое дете. Тогаш не само што нема да дозволувате некој нејзин збор да испари од вашата глава, туку и сами ќе ги барате нејзините совети. Вашата почит кон личностите кои ве израснале вртоглаво ќе порасне. Ќе сфатите дека тие знаеле многу повеќе отколку што вие сте си мислеле.
Дремките
Кога ќе бидете на родителска должност 24/7, дремките ќе ви изгледаат како скапоцен дар. Затворањето на очите, макар и само на 15 минути, ќе ви се чини како одмор на Малдиви.
Безгрижните средби со пријателите веднаш по завршувањето на работното време
Набрзо откако ќе влезете во родителските води, дури и да си го дозволите луксузот да пиете кафе со најдобрата пријателка или да одите на ручек со колегите, најверојатно ќе чувствувате вина што не сте дома да му ја направите омилената вечера на своето малечко, да му прочитате сликовница и да го подготвите за спиење.
Поврзани објави
Спонтаниот секс со саканиот
Новите родители не се во можност да се бакнуваат страсно кога ќе посакаат и да имаат долг, гласен секс без да изигруваат криминалци.
Јадењето на топол оброк со прибор, од седечка положба
Во првите месеци по породувањето ретко ќе уживате во топли оброци или ќе ги претоплувате јадењата по неколкупати. Често ќе ви се случува да поткаснувате со раце, од стоење.
Бескрајните телефонски разговори
Долгите (понекогаш бесмислени и бесцелни) телефонски разговори со вашите блиски ќе станат невозможна мисија кога имате мало бебе/дете покрај себе.
Спонтано патување
Малите деца најчесто не дозволуваат спонтани одлуки. Не можете едноставно да ја наполните торбата, да го дофатите пасошот и да одите со саканиот на незаборавен викенд или лудо патување со пријателите.