
Денес во Кисела Вода, заедно со моите колеги Maksim Dimitrievski и Бобан Стефковски потпишавме меморандум за соработка за превенција и спротивставување на насилниот екстремизам и радикализација.Денешната заедничка средба има големо значење за сите, а најмногу за нашите граѓани, жителите на општините кои ги претставуваме и во чие име го потпишуваме меморандумот за соработка.
Денес, ставаме потпис на документ помеѓу општина Кисела Вода и невладините организации ,,Отворена порта” и ,,Хуманост” и со тоа го означуваме почетокот на една важна и неопходна иницијатива – борбата против насилниот екстремизам.
На сите нас ни е добро познато дека опасностите од насилниот екстремизам се реални и сериозни. Насилниот екстремизам не само што ги уништува животите на луѓето, туку и директно влијае врз стабилноста и хармонијата во нашите заедници.
И нашиот регион, како и многу други, не е поштеден од можна закана од насилен екстремизам.
Тој претставува сериозна опасност за нашето општество носејќи со себе деструктивни последици, вклучувајќи го земањето на невини животи, дестабилизација на институциите и креирање на социјални нереди. Тој го уништува квалитетот на живеење денес и создава несигурна иднина за нас и за сите следни генерации.
Овој меморандум за соработка што го потпишуваме денес не е само формален документ.
Тој претставува пишан доказ за нашата посветеност кон заедничката борба против оваа закана.
Соработката помеѓу локалната самоуправа и граѓанскиот сектор е суштинска, бидејќи таа ни овозможува да ја засилиме нашата способност за превентивни акции и да го намалиме влијанието на екстремистичките групи.
Превентивните мерки што може да се преземат вклучуваат образование, едукција и подигнување на свеста кај младите; поддршка на загрозени групи и млади лица, создавање на заедница каде инклузивноста и дијалогот помеѓу различните култури и верски заедници ќе бидат од висока важност.
Ќе ги стимулираме областите каде што може да се реализира ефективна превенција и реакција на потенцијални случаи на насилен екстремизам. Исто така, ќе имаме механизми за размена на информации и најдобри практики.
Конечно, оваа заедничка борба не се завршува со потпишувањето на меморандумот.
Треба да бидеме доследни и одговорни во извршувањето на акциите што ги планираме и да ги следиме резултатите.
Само преку долгорочна и интегрирана соработка можеме да гарантираме дека ќе го заштитиме нашето општество од влијанието на насилниот екстремизам.
Нека овој меморандум биде првиот чекор кон подобро и посигурно утре за сите наши граѓани.