Инвестиции од две милијарди евра, проценува Шукова, се потребни за Македонија да ги исполни европските стандарди за животната средина и да има чист воздух, води и почви, изградени пречистителни станици за отпадни води и регионални депонии за управување со отпадот, исчистени ѓубришта, заштитена природа итн.
Од директивите и стандардите на Европската Унија за заштита на околината, најтешки за исполнување ќе бидат управувањето со водите и управувањето со отпадот, затоа што бараат големи инвестиции, особено делот за собирање и третман на отпадните води и собирање и финално депонирање на отпадот, вели министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова во разговор за „Слободен печат“. Во тој контекст, за биде примена во ЕУ освен другите критериуми Македонија мора да ги исполни и еколошките, што значи да има изградени станици за пречистување на отпадните води, регионални санитарни депонии, чисти воздух, вода и почва, заштитена природа итн.
– Додека Вардар не биде чист, нема да нè примат во ЕУ. Мора да го исчистиме Вардар, мора да воспоставиме современи депонии по стандрарди, а не овие општински што ги имаме сега. Нив ќе мора да ги зтвориме и сите диви депонии ќе мора да ги исчистиме. Обврска има државата со општините, ама и секој граѓанин. Секој од нас несовесно се однесува – категорична е министерката Шукова.
Во текот на јули Шукова со нејзиниот тим во Брисел го поминаа објаснувачкиот билатерален скрининг пред преговорите за членство во ЕУ на кој се разгледуваше колку земјата е усогласена со директивите на Унијата.
– Ваква забелешка добивме од Брисел – имате многу да спроведете, но, точно знаете што треба да направите и каде треба да стигнете. Тоа значи дека државата има политика, има визија, знае што предвидуваат директивите и што треба да се направи за да се исполнат. На пример, за отпадот го прифативме регионалниот пристап со изградба на регионални депонии и согласно плановите, ќе бидат пет – една е скопската, втората ќе биде во Свети Николе за регионите Исток и Североисток, третата ќе се гради во Новаци за Југозапад и Пелагонија, четвртата е во Русино за регионот Полог, а петтата ќе биде во Василево и ќе ги опслужува регионите Вардарски и Југоисток – вели Шукова.
Таа објасни како би изгледале преговорите за членство со ЕУ, што ќе се разгледува и што да се очекува.
– Ние за секој закон имаме табели за тоа колку е транспонирана секоја директива во законите. Во делот за животната средина ние како држава сме многу напред, споредено со регионот и други земји кои преговараат за членство. Транспонирањето ни е силна страна, ама она што ни недостасува е имплементацијата. Имаме имплементациони планови низ кои следиме како се спроведува директивата која е преточена во закон и редовно ги ажурираме. Пластично објаснето, точно знаеме за кои агломерации, за кои општини, на пример, ќе ни требаат пречистителни станици за отпадни води според директивите, за отпадот исто така. За голем дел од пречистителните станици очекуваме дека ќе се градат со пари од ЕУ, а за Скопје знаете дека државата зеде голем заем и доби грант од ЕУ. Таа ќе чини околи 200 милиони евра. Тоа се големи капитални инвестиции – вели министерката.
На прашањето колку пари се проценува дека ќе се потребни за Македонија да има чист воздух, води, почви, изградени депонии и пречистителни станици, спасено Преспанско Езеро, заштитена природа итн, министерката вели од милијарда и пол до две милијарди евра за да се воспостави сè.
– Таа проценка е од пред неколку години. Дел од работите се спроведени, не ги пресметуваме парите за оние проекти кои веќе се обезбедени. Значителни средства добиваме од ЕУ, а ако ги отвориме преговорите за членство може значително да се зголемат, и до десет пати. Тоа е една од придобивките ако ги отвориме преговорите, ќе се зголемат парите за животната средина, што ни e приоритет нам, ама и на ЕУ. Најголемиот дел од парите доаѓаат како грантови, а државата кофинансира дел, 10 до 15 проценти – објаснува министерката.
Таа очекува дека изградбата на централната депонија во Свети Николе ќе почне да се гради следната година, а до крајот на оваа година да се избере изведувач на меѓународен тендер што ќе се распише наскоро. Изградбата би требало да заврши за две години. За оваа регионална депонија е обезбедено комплетното портфолио за опрема, за изградба на претоварните станици со централната депонија и за затворање на сите постојни општински депонии. Овој проект се очекува да чини 40 милиони евра.
– Проблемот е во тоа што 20 години има закон, ама досега не се воспостави основната инфраструктура за управувањето со отпадот. Ние сега тоа го правиме, ја градиме инфраструктурата. Процесите се долги, граѓаните замеруваат дека трае со години, ама не е едноставно да вклопите 20 општини од два региона во еден систем. Формираме регионално претпријатие и треба сите општини да ги прифатат условите за работа, треба сите да вложат и потоа заеднички да управуваат. Сите општински совети треба да донесат одлуки и затоа тоа е тежок и долг процес. Но, нивото на свеста за управувањето на отпад полека расте. Кога еднаш ќе се воспостави инфраструктурата, ќе оди поедноставно – вели Шукова.
Таа е категпрична дека сите актуелни општински депонии, односно ѓубришта, ќе се затворат една по една, како што ќе се градат регионалните. Во регионоте Исток и Североисток веќе е раздвижено, дел од општините се пренасочени отпадот да го фрлаат во другите општини за да се затворат нивните депонии. Шукова вели дека нема можност да се извлекуваат суровини од тие ѓубришта, иако со децении таму се трупа секаков материјал, затоа што отпадот е мешан и наместа затрупан со земја. Ѓубрето ќе се неутрализира, ќе се спречи истекување на депонискиот исцедок и ќе се извлечат депониските гасови.
– Паралелно правиме напори да го намалиме отпадот. За сите општини ќе набавиме канти и контејнери за предселекиција за да ги намалиме количините и да научиме дека пластиката, хартијата, алуминиумот и стаклото се реупотребуваат, дека тоа се суровини, а не ѓубре. Исто така, ќе ја воведеме методологијата за наплата на домаќинствата како што е во ЕУ, да се плаќа според создаденото количество на отпад. Домаќинствата ќе имаат различни канти и колку отпад ќе создаваат, толку ќе плаќаат. Затоа сакаме со оваа претселекција да ги навикнеме граѓаните да двојат отпад и да ја намалуваат количината за фрлање. Така ќе се стимулираат дома во кантата за финално фгрлање да остават помалку отпад, а повеќе да селектораат за рециклирање – вели Шукова.