РЕК Битола го доби првиот ментор за дуално образование и стана една од компаниите во државата кои сериозно се посветени на задоволување на потребите на пазарот на труд преку внесување новини во своето работење.
Комбинатот во кој феријална пракса се изведува со години наназад, сега вложува во новиот концепт наречен дуално образование, преку кој учениците добиваат повеќе практична настава, од обучен ментор во реални работни услови.
“ РЕК Битола вложува во успешната иднина на секој ученик кој доаѓа во комбинатот на пракса. Ги следиме трендовите за создавање на висококвалификувани кадри за кои пазарот на труд има потреба бидејќи и самите ние се соочуваме со недостаток од работна сила на определени, специфични работни места. Го пративме нашиот колега Гоце Тодоровски на обука во Стопанската комора и денес го имаме првиот сертифициран ментор за дуално обраование во РЕК Битола. Во нашиот комбинат на пракса идат многу ученици и студенти и затоа планираме зголемување на бројот на ментори за дуално образование со вработени од различни профили. Квалитетното образование, особено во практичниот дел е важно не само за младите, туку и за иднината на државата”, рече директорот на РЕК Битола, Пеце Матевски.
Гоце Тодоровски е првиот вработен во РЕК Битола кој доби Сертификат за ментор во дуално образование. Во РЕК Битола работи 30 години и досега обучувал стотици средношколци и студенти. Со сертификатот што го доби од Центарот за стручно образование и обука, Велјановски ќе учествува во формирањето на оценката за практична работа со цел учениците да стекнат и усовршат вештини со кои ќе бидат конкурентни на пазарот на труд.
“ Многу сум среќен што од над 2.000 мои колеги токму јас сум првиот кој се стекна со Сертификат за успешно завршена обука за ментор во дуално образование. Му благодарам на менаџментот на комбинатот за довербата. Со средношколци кои доаѓаат во РЕК Битола на пракса работам со години наназад, а сега со овој сертификат ќе имам уште поголема одговорност да им пренесам знаења со кои полесно ќе се снајдат на работното место, веднаш по завршувањето на школувањето. Обуката беше вредно и интересно искуство за мене. Се стекнав со вештини кои ги налага концептот на дуално образование и искрено одвај чекам наесен да ги пречекам учениците кои се ќе дојдат во РЕК Битола на пракса”, вели Тодоровски.
Практична настава во РЕК Битола изведуваат ученици од повеќе стручни средни училишта во Битола и регионот. Со воведувањето на концептот на дуално образование, комбинатот има за цел да даде придонес кон зголемување на вработливоста на младите и продуцирање кадри со соодветни вештини, оспособени да влезат на пазарот на трудот, веднаш по завршување на средното стручно образование.