Table of Contents
Искористете ги старите стаклени шишиња на креативни начини
Ви се насобрале празни шишиња од вино со месеци, па дури и со години, и веќе не знаете што да правите со нив? Наместо да ги фрлите во контејнер за рециклирање, размислете како можете повторно да ги употребите и да ги претворите во интересни декорации и практични додатоци за домот.
Иако празните стаклени шишиња секако може да се рециклираат, постои уште една интересна опција – да им дадете нова намена преку едноставни „направи сам“ проекти и на тој начин да им го продолжите животниот век.
Во продолжение ви откриваме шест креативни начини како старите шишиња од вино да ги претворите во уникатни детали за уредување на домот.
1. Вазни за цвеќе
Без разлика дали ќе изберете свежо или суво цвеќе, празните шишиња од вино можат да послужат како одлични вазни за поединечни цветови или мали гранчиња. Ставете неколку стебленца во шишето и комбинирајте различни висини и текстури за да создадете убав цветен аранжман.
2. Систем за постепено наводнување на растенијата
Системите за постепено наводнување функционираат така што полека испуштаат вода во почвата, овозможувајќи им на растенијата да ја добиваат потребната влага подолг период. Наместо да купувате готов производ, за оваа намена можете едноставно да искористите празно шише од вино.
Добро исплакнете го шишето, наполнете го со вода, а на отворот поставете додаток за наводнување од теракота. Превртете го шишето наопаку и вметнете го неговото грло околу 15 сантиметри во почвата, во близина на коренот на растението. Водата постепено ќе се ослободува во следните три до седум дена.
3. Свеќници
Грлата на шишињата од вино се со идеална големина за тесни, издолжени свеќи. Едноставно поставете ја свеќата во отворот, внимавајќи да стои цврсто и исправено. За дополнителен декоративен ефект, оставете восокот природно да се слева по надворешните страни на шишето. Така ќе добиете романтичен украс со старински изглед.
Поврзани објави
4. Хранилка за птици
Претворете го старото шише од вино во хранилка за птици и привлечете ги овие мали гости во вашата градина или двор. За изработка на хранилка со нектар ќе ви биде потребен дрвен држач во кој шишето ќе се постави наопаку, како и соодветен додаток за хранење на птиците. Наполнете го чистото шише со нектар, поставете го во држачот и одберете место до кое птиците лесно ќе можат да пристапат.
5. Мозаици од стакло
Стаклото од шишиња во различни бои може да се искористи за изработка на уникатни мозаици. Можностите се многубројни – од подлоги за топли садови, рамки за фотографии и ѕидни декорации, до украсни плочки за градинарски патеки или саксии.
За да го подготвите материјалот, ставете го стаклото во цврста кеса, ставете заштитни очила и внимателно скршете го со чекан. При вадењето на парчињата задолжително користете заштитни ракавици. Наредете ги парчињата стакло на површината што сакате да ја декорирате и прицврстете ги со лепило за мозаици. Откако ќе се исуши, пополнете го просторот меѓу парчињата со маса за фугирање, а вишокот отстранете го со влажен сунѓер.
Доколку некои рабови се остри, измазнете ги со турпија, задолжително носејќи ракавици и заштитни очила. Имајте предвид дека за овој проект е потребна особена внимателност при ракувањето со скршеното стакло.
6. Декоративен фенер со сијалички
Еден од наједноставните начини да ги искористите празните шишиња од вино е да ги претворите во мали декоративни фенери. Ставете низа ситни сијалички во шишето и ќе добиете нежен, топол сјај што веднаш ќе внесе пријатна атмосфера во просторот.
Внимавајте прекинувачот за вклучување и исклучување да ви биде лесно достапен. Доколку сакате поизразен светлосен ефект, групирајте неколку украсени шишиња едно до друго.
Ваквите декорации можат да бидат впечатлив детаљ на масичката во дневната соба, на прозорската даска, па дури и на полицата во бањата.
ФОТО: Пинтерест