Божиќниот пост почнува на 28 ноември, а многумина верници се одлучуваат да постат во текот на сите 40 дена. Во овој период, разновидната исхрана е особено важна, па затоа секогаш е добредојден рецепт за вкусно јадење што се приготвува лесно и од достапни состојки.
Овојпат ви предлагаме посна пита со печурки, праз и млад кромид, со меки кори и вкусен фил. Одлична е за појадок, но може да се послужи и како лесен ручек или вечера.
Потребни состојки:
- 500 г кори за пита
- 400 г шампињони или други печурки
- 2 помали страка праз или 1 страк праз и 3 страка млад кромид
- неколку листови сремуш, по желба
- 2 чешниња лук, како замена за сремушот
- 150 мл масло
- 400 мл газирана вода
- 150 г брашно
- 150 г пченичен гриз
- 1 кесичка прашок за печиво
- 2 лажички сол
- 1 лажичка црн пипер
Начин на приготвување:
Најпрво ситно исечкајте ги празот и кромидот, па ставете ги да се динстаат. По околу пет минути додајте ги шампињоните исечени на листови и продолжете со динстањето уште десетина минути. Зачинете со сол и црн пипер, а потоа додајте го ситно сечканиот лук и сремушот.
Поврзани објави
Во посебен сад подгответе го вториот фил. Измешајте ги брашното, гризот, прашокот за печиво и солта. Додајте ја газираната вода и 70 мл масло. Најпрво промешајте рачно, а потоа кратко изматете со миксер.
Првата и втората кора премачкајте ги со филот од гриз, ставајќи по две лажици на секоја. Врз третата кора распоредете од филот со печурки. Четвртата и петтата кора повторно премачкајте ги со филот од гриз, а врз шестата распоредете го преостанатиот фил со печурки.
Краевите на корите преклопете ги навнатре, па внимателно свиткајте ги во ролат. Исечете го на парчиња и наредете ги во тава за печење. Одозгора премачкајте со преостанатиот фил од гриз и посипете со сусам.
Печете во претходно загреана рерна околу 40 минути, додека питата не добие златно-кафена боја.
Послужете ја топла или изладена – еднакво е вкусна во секоја варијанта!
Фото: Magnific.com