Бугарско МНР, Фото: Архива
Компромисот за европската перспектива на Северна Македонија што беше договорен во 2022 година, содржи јасно наведени услови кои што земјата кандидат мора да ги исполни, како пред целосното отворање на преговорите, така и за време на целиот преговарачки процес, е ставот на бугарското Министерство за надворешни работи.
„Компромисот опфаќа три посебни, но меѓусебно поврзани елементи – заклучоците на Советот на ЕУ од јуни 2022 година, преговарачката рамка на Северна Македонија и билатералниот Договор за добрососедство од 2017 година и мерките за негово спроведување (наведени во Записникот од состаноците на Меѓувладината комисија за член 12). Овој компромис е прифатен од сите земји членки на Унијата, тој е на сила, што повторно го потврдија сите земји членки во нивните заклучоци од декември 2022 година, а договорениот механизам има европски, а не билатерален карактер“, велат од бугарското МНР за агенцијата БГНЕС.
Според Министерството, постигнувањето членство во ЕУ е долг процес со многу чекори, во кој земјата кандидат постепено се приклучува кон почитувањето на европските принципи и примената на стандардите на Унијата во секоја сфера од нејзиниот политички, социјален и економски живот.
„Еден од предизвиците со кои се соочува Северна Македонија е да се решат проблемите со правата на Бугарите и развојот на добрососедските односи со Бугарија. Надминувањето на овие недостатоци ќе се оценува во евроинтеграцискиот процес на Скопје како еден од критериумите утврдени во Преговарачката рамка. Пред тоа, земјата-кандидат мора да започне целосни преговори за членство, што во целост зависи од вклучувањето на Бугарите во нејзиниот устав“, пишува во одговорот од Министерството.
Бугарското МНР, како што се додава, редовно ги информира партнерите во ЕУ и европските институции за „состојбата во односите со Северна Македонија, вклучително и кршењето на правата на Бугарите во соседната земја, што е дел од Копенхашките критериуми за членство во ЕУ “.