„Извини ако згрешив“ – празно извинување што само сугерира дека постапката можеби повредила некого
Сте избувнале за време на состанок. Сте озборувале другарка. Сте го излажале партнерот. Сте издале нечија тајна. Сте прекршиле ветување. Сте објавиле статус на Фејсбук што не сте требале да го објавите. На сите ни се случило да постапиме непромислено и да повредиме нечии чувства. Колку и да се чувствуваме лошо и засрамено во таква ситуација, штетата е направена и, како возрасни и зрели луѓе, треба да се соочиме со последиците и да не ја потценуваме моќта на искреното извинување.
„Извини“ воопшто не е несекојдневен збор, всушност, го слушаме многу често, како, на пример, кога ќе се судриме со некого случајно на улица или кога ќе прекинеме некого во зборување. Го изговараме лесно и несвесно, без да размислуваме многу за неговото значење. Но вистинското „извини“ е многу поинакво. За него е потребна голема искреност и храброст.
Признавам дека имало ситуации кога не сум знаела да се извинам, особено ако сум сметала дека сум во право, дека сум погрешно разбрана или дека повредената страна ги преувеличува работите. Но сфатив дека извинувањето не треба да се врти околу мене, туку околу личноста што од која било причина се чувствува навредено поради нешто што сум или не сум направила, без оглед на моите намери. И сфатив дека извинувањето навистина може да биде моќен лек со неверојатно дејство за сите нарушени односи и повредени чувства, само ако е искрено.
Видови празни извинувања
Сепак, најчесто сведоци сме на форми на извинување во кои не се прифаќа вината за стореното дело и не се валидизираат чувствата на повредениот. Тие најчесто почнуваат со „извини ама“ или „извини ако“ и имаат цел да го одбегнат прифаќањето на одговорноста, да го оправдаат лошото однесување, да ја минимизираат штетата и да збунат. Психолозите се согласуваат дека лошото извинување може само да ја влоши ситуацијата, а ова се најозлогласените такви примери:
„Јас само се шегував“, „Ја само се обидував да помогнам“ – Извинувања што ја минимизираат штетата. Тие служат за да го претстават лошото однесување како наивна постапка или обид за помош.
„Извини што мислиш така за мене“, „Извини, но мислам дека претеруваш“ – Празни извинувања што ја префрлаат вината на повредената личност, како таа да е проблемот.
„Извини ако кажав нешто навредливо“, „Извини ако згрешив“ – Условни извинувања што само сугерираат дека постапката можеби повредила некого.

Поврзани објави
„Веќе се извинив сто пати“ – Дежаву-извинувања што не содржат вистинско извинување туку имплицираат дека случајот е затворен.
„Жал ми е што те навредив“, „Жал ми е што згрешив“ – Фантомски извинувања. Жалењето е состојба, а извинувањето е дејство. На овој начин не си ја признавате грешката, туку ја преземате улогата на жртва.
„Претпоставувам дека ти должам извинување“ – Невидливо извинување што само инсинуира дека постои потреба од извинување, без да ја реализира.
„Извини ама не разбираш“, „Извини ама еве што се случи“ – Извинување со оправдување. Се фокусира на чувствата и перспективата на оној што згрешил, а не на повредениот.

Моќта на „извини“
За да се извините правилно, треба навистина да сослушате како другата личност гледа на ситуацијата и како се чувствува. Вистинското извинување покажува разбирање и емпатија кон повредената страна. Покажува искрено каење за нанесената штета и дава ветување дека нема да се повтори грешката во иднина. Се фокусира на постапката што повредила, а не на реакцијата на повредениот. Не содржи зборови како „ама“ или „ако“. Не се заглавува во претерани објаснувања зошто и како, туку се концентрира на проблемот. Кратко е, јасно и автентично.
За жал, покажувањето искрена емпатија и жалење честопати е мост што многумина не можат да го преминат.
Пишува: Марија Лукаревска
ФОТО: Nataliia Nesterenko/SiberianArt/nicoletaionescu/iStock via GETTY IMAGES