Отворен Балкан“ се базира на добра волја и на добрите односи на трите земји основачи – Македонија, Албанија и Србија и тоа не е политичка, туку економска иницијатива која е поставена на истите основи на кои се базира и ЕУ за слободен проток на луѓе и економска соработка, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Обраќајќи се на заедничката прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама по нивната трилатералната средба во местото Бардолино во близина на италијанскиот град Верона, каде се одржува саемот за вино „ВинИтали“, Ковачевски нагласи дека тоа што трите земји заедно се претставуваат на оваа саемска манифестација е доказ дека „Отворен Балкан“ дава резултати. Премиерот нагласи дека овој Саем преставува можност за винариите од регинот за промоција на своите производи, но и за привлекување на инвеститори, додавајќи дека винскиот сектор е посебно важен за земјава која е втор извозник на вино на Балканот по Грција.
Ковачевски потенцираше дека придобивките од „Отворен Балкан“ се видливи и во порастот на трговската размена меѓу трите земји, но како што нагласи, за нејзино понатамошно зголемување, потребно е отстранување на границите. Не ни требаат тие граници затоа што не спречуваат да извезуваме меѓу себе, порача Ковачевски, нагласувајќи дека во моментов единствени граници во Европа се оние на Балканот.
Ковачевски потенцира дека заедничката соработка во рамките на „Отворениот Балкан“ дава резултатите и за луѓето и за бизнисите од трите земји.
