Пред публиката ќе се поклонат актерите и членовите на филмската екипа, кои го создадоа филмот, вклучувајќи и шест гости од Англија, Италија, Бугарија, Србија и Албанија.Присуството го потврдија 24 странски амбасадори во Македонија, претставници на државниот врв, како и бројни видни граѓани.За потребите на премиерата, специјално, привремено е увезена опрема за кино-прикажување, соодветна на големата сала на Филхармонијата. Целиот настан е организиран и финансиран со приватни средства.После главната награда во Токио, „Сестра, брат и шахта“ доживеа успех и на фестивалите во Каиро и во Белград.Бројни меѓународни критики и рецензии го нарекуваат филмот „потресен“, „самоуверен“, „остра социјална опсервација“, „ексцентричен“, „прекрасно изработен“, „игрив“, „непредвидлив, со љубов изработен, чиста радост“, „потресна и пресмешна ода за двајца аутсајдери“, „духовит и искрен“, „вознемирува и опчинува“, „врвна глума“…„Сестра, брат и шахта“ е комедија за богати и сиромашни, една лута сатира, ама и суптилна психолошка студија за брат и сестра, кои живеат надвор од тековите на општеството. Филм за антихерои кој – во неповторливиот стил на Милчо Манчевски – си поигрува со жанровските класификации, мамејќи и солзи и смеа. Иако се случува во денешна Македонија, филмот содржи универзално размислување за тоа како луѓето живеат и се поврзуваат во современиот свет.

Ова е негов деветти долгометражен филм, а осми игран филм, снимен во иста година со документарецот „Добри луѓе“. Ова е редок куриозитет во светската кинематографија – автор да се појави во иста година со два филма пред меѓународната публика.Освен Агенцијата за филм која го поддржа филмот после незаконска тригодишна блокада на Манчевски и после две судски одлуки во негова полза, филмот го помогнаа и националните филмски фондови и приватни инвеститори од Бугарија, Србија, Албанија, Италија и Англија. Македонски компании и културни институции, покрај Министерство за култура и туризам, кои го поддржаа проектот се: Дајнерс клуб, Тиквеш, Витаминка и Окта, како и Пелистерка, Специјал, Такси Глобал, Еурофарм, Македонија турист, Саманта, Мај принт, Македонска филхармонија, Македонскиот народен театар, Фонолукс, Хотел Арка и Види Вака.

Главните улоги ги играат: Сара Климоска, Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Јасмина Василева, Стефан Николовски, како и Ана Костовска, Иван Ѓошевски, Симона Спировска, Виктор Арсов, Марина Поп Панкова, Александар Степанулески и Марин Гавриловски. Дејвид Манс од Велика Британија е дизајнер на продукција. Директор на фотографија е Стефано Фаливене од Италија. Монтажер на филмот е Благоја Неделковски, а автор на музиката Игор Василев Новоградска. Кастинг директорка е Милка Анчевска, костимите се на Жаклина Крстевска, а шминката на Бистра Кечиџиева од Бугарија. Продуцент на филмот е Јане Ќортошев.Филмот се снимаше со меѓународна екипа на локации низ и околу Скопје. Копродуценти се Гала филм од Бугарија, Сенс продакшн од Србија, Амаркорд продакшн и Аугустус колор од Италија, Беркли медиа груп од Англија и Тирана филм институт од Албанија.