Почетна Убавина и здравјеТри евтини намирници кои можат да помогнат во контролата на телесната тежина во текот на зимата

Три евтини намирници кои можат да помогнат во контролата на телесната тежина во текот на зимата

од nenad
3 минути читај за

Студените денови често значат помалку движење и повеќе време поминато дома, но одржувањето на телесната тежина не мора да подразбира скапи производи и строги диети. Јачменот, киселата зелка и гравот можат да помогнат подолго да останете сити и полесно да го контролирате апетитот.

Во текот на зимата многумина се движат помалку, поминуваат повеќе време дома и почесто посегнуваат по храна. Сепак, за одржување на телесната тежина не се неопходни скапи намирници или строги диети. Некои традиционални производи што редовно ги имаме во кујната можат да помогнат во контролата на гладот и да бидат дел од балансирана исхрана.

Меѓу нив се издвојуваат јачменот, киселата зелка и гравот, чии потенцијални придобивки се поткрепени и со научни истражувања.

1. Јачмен

Ако додавате јачмен во зимските чорби и манџи, имате добра причина да продолжите со таа навика. Оваа житарка содржи бета-глукан, вид растворливи растителни влакна што го забавуваат празнењето на желудникот и можат да го одложат чувството на глад.

Во јапонско истражување објавено во списанието „Плант фудс фор хјуман нутришн“, учествувале 21 жена. По појадок со комбинација од ориз и јачмен, учесничките за ручек внесувале околу 52 калории помалку отколку по појадок што содржел само ориз. Во текот на ручекот и вечерата, вкупниот внес бил помал за околу 98 калории.

Друго истражување покажало дека лицата кои појадувале интегрален јачмен чувствувале помал глад пред ручекот.

2. Кисела зелка

Киселата зелка е уште една достапна зимска намирница која може да биде корисна при контролирање на телесната тежина. Порција од околу 140 грама содржи само 27 калории и четири грама растителни влакна. Тоа ја прави добар додаток на оброците, бидејќи придонесува за чувството на ситост без значително зголемување на калорискиот внес.


Поврзани објави

Интересна е и нејзината можна улога во здравјето на цревата. Истражување на Универзитетот во Калифорнија, Дејвис, од 2025 година покажало дека киселата зелка може да помогне во заштитата на цревните клетки изложени на воспаление. Кај свежата зелка и расолот не бил забележан ист ефект.

Сепак, треба да се внимава со количината поради високата содржина на сол, особено кај лицата со покачен крвен притисок.

3. Грав

Гравот, исто како леќата, наутот и грашокот, е богат со растителни влакна и протеини, кои придонесуваат за подолго чувство на ситост.

Анализа на 21 истражување со вкупно 940 учесници, објавена во списанието „Американ џурнал оф клиникал нутришн“, покажала дека лицата кои консумирале мешунки во период од околу шест недели изгубиле просечно 340 грама.

Друга анализа покажала дека учесниците по оброк со мешунки се чувствувале 31 процент посити. Сепак, тоа не значело дека значително помалку јаделе на следниот оброк.

Важен е и начинот на подготовка. Манџа од грав со многу зеленчук и без масно месо може да биде хранлив и заситувачки оброк со помалку калории.

Ниту една од овие намирници сама по себе нема да доведе до значително слабеење, но нивното редовно вклучување во разновидна и балансирана исхрана може да помогне во контролата на апетитот и одржувањето на телесната тежина во текот на зимата.

Фото: pexels