Почетна ЕкономијаШведска објави пакет поддршка од 48 милиони евра за Украина

Шведска објави пакет поддршка од 48 милиони евра за Украина

од nenad
1 минути читај за

Министерството за надворешни работи на Шведска објави пакет за зимска поддршка за Украина, во вредност од 540 милиони шведски круни (48 милиони евра), наменет за заштита на енергетската инфраструктура и помош на ранливите домаќинства.

Според податоците на Владата на Шведска, од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, таа држава и обезбедила на Украина воена и цивилна помош во вредност од 159 милијарди шведски круни (14 милијарди евра).

Најновиот пакет за зимска помош е 300 милиони шведски круни (27 милиони евра) наменети за Шведската агенција за цивилна заштита за купување и испорака на опрема за итни случаи во Украина, како и за помош при заштита на енергетските објекти од напад. Дополнително, 155 милиони шведски круни (14 милиони евра) се хуманитарна помош преку Црвениот крст на Украина, што вклучува парична помош, средства за греење и генератори за ранливи семејства.

Дополнително, 85 милиони шведски круни (7,6 милиони евра) се наменети за поддршка на енергетскиот сектор на Украина преку Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), за одржување на централно греење, електрична енергија и водоснабдување за станови, болници и училишта.

Од вкупната поддршка на Шведска за Украина од февруари 2022 година, кога започна рускиот напад, воената поддршка изнесува 129 милијарди шведски круни (околу 12 милијарди евра), а вклучува противвоздушна одбрана, муниција, беспилотни летала, придонеси во мултилатерални фондови, како и соработка во врска со борбените авиони „Грипен“ произведени во Шведска.
Извор: МИА