Претставници на академската заедница, судии и стручни лица дадоа поддршка на предложената работна верзија на законот за организација и работа на органите на државната управа, предложен од Министерството за јавна администрација.
На втората јавна расправа што ја организираше собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, универзитетската професорка Тања Каракамишева истакна дека значењето на владеењето на правото е суштинско за јавната власт и таа е должна да ги почитува правата и слободите на граѓаните. Владеењето на правото не се исцрпува со фактот дека државата донесува закони и дека институциите формално постапуваат врз основа на прописи, напротив и самиот систем на јавната власт, вели, бара да биде уреден така што ќе ја спречува арбитрарноста на политичката волја.
-Современата државна управа не може да се оценува само според бројот на институции, нивната формална поставеност или бројот на донесените акти. Таа треба да се оценува според тоа дали граѓаните добиваат навремена, законита, квалитетна и предвидлива услуга. Дали институциите имаат јасни надлежности, дали постои професионална администрација и дали јавните ресурси се користат одговорно. Во оваа прилика посебно ќе ја истакнам политичката неутралност, бидејќи државната управа не смее да биде продолжена рака на ниту една политичка партија, таа мора да биде институционален сервис на државата и на граѓаните, посочи Каракамишева.
Универзитетскиот професор Борче Давитковски кажа дека Министерството за јавна администрација покажало храброст да подготви европски конзистентен текст затоа што, посочи, секогаш најтешко се реформира извршната власт.
-Ве охрабрувам. Овој текст е добар и мислам дека одговара на постоечката состојба во нашата држава. Добро е конечно врз основа на овој текст и со донесување на овој Закон ние ќе видиме каква е структурата на извршната власт, нагласи професорот Давитковски.
Во јавната расправа се вклучија и судијката Едита Насковска, која истакна дека концептот на законот е добар, но потребно е да се создадат услови за поголема интерактивна соработка меѓу министерствата.
Универзитетскиот професор Константин Битраков, пак, говореше за придобивките од донесување на законот за организација и работа на органите на државната управа.
-Потребен е нов закон затоа што актуелниот постои 26 години и неколку пати е менуван и кога еден закон повеќе пати е менуван, а е системски, тогаш мора да биде нивелиран целосно, односно да се донесе нов законски текст. Новиот закон е во Реформската Агенда на која сме обврзани дека ќе донесеме нов закон и тоа се доволни цели, земјава да пристапи кон нов закон кој ќе добие поддршка во Собранието, истакна професорот Битраков.
Членовите на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците најавија и трета јавна расправа за предлогот на закон за организација и работа на органите на државната управа.
Извор: МИА