Турските власти од неделата навечер трагаат по лавица забележана во населбата Ускумрукој, во истанбулската општина Саријер. Животното се наоѓа во блиската шума, а на жителите им е упатен итен апел да не ги напуштаат домовите додека трае операцијата за негово заловување.
Снимките од надзорните камери го регистрирале животното во Ускумрукој околу 18 часот во неделата, соопшти кабинетот на гувернерот на Истанбул.
Подоцна, локален жител повикал на бројот 112 за да пријави дека видел лав. По прегледувањето на снимките, надлежните служби утврдиле дека станува збор за лавица.
Главната управа за заштита на природата и националните паркови на Турција соопшти дека животното не било пронајдено при првата теренска акција, во која учествувале службеници на националниот парк и припадници на жандармериската станица во Зекеријакој.
Потрагата продолжила со помош на термални камери, по што лавицата била лоцирана во шумска област. На терен се и ветеринари, подготвени да учествуваат во нејзиното безбедно заловување.
Подготвен план за заловување на лавицата
Утврдена е локацијата на која се наоѓа лавицата и се преземаат сите неопходни мерки за таа да биде фатена жива“, се наведува во соопштението на гувернерот.
Според турските медиуми, ветеринарните екипи се подготвени со пушки за испукување средства за смирување. Планот е животното да биде истиснато од шумата кон отворен и безбеден простор, каде што ќе биде успиено со седатив.
Операцијата траела во текот на целата ноќ, а весникот „Хуријет“ објави дека жандармеријата ги затворила Ускумрукој и околината за пешаци и возила.
Градоначалникот на општината Саријер, Октај Аксу, ги повика жителите да останат во своите домови.
Ги молиме граѓаните да не ги напуштаат домовите, за да не бидат повредени и за да не ја попречуваат работата на надлежните служби“, изјави Аксу, пренесува „Туркије тудеј“.
Во разговор за CNN Türk, тој потврди дека животното е пронајдено во шума во близина на станбена населба. Според неговите зборови, лавицата поминала покрај кокошки, но не ги нападнала.
Се претпоставува дека животното пораснало во заробеништво. Аксу за телевизијата NTV изјави дека изгледа како лавица, но дека не може со сигурност да се потврди за какво животно станува збор. Засега нема ниту веродостојни информации од каде дошло.
A lioness is spotted in Istanbul, LMAO.
Police is trying to locate and safely seize her https://t.co/r1wTOahtj3
— Ragıp Soylu (@ragipsoylu) November 22, 2026
Од каде се појавила лавица во Истанбул?
Турските медиуми објавуваат дека постои сомнеж оти лавицата избегала од приватен дом во населбата, каде што наводно била чувана откако нелегално била внесена во Турција.
Оваа информација сè уште не е официјално потврдена, а не е објавен ниту идентитетот на евентуалниот сопственик.
Саријер се наоѓа на северниот крај на Босфорот, на европската страна на Истанбул. Покрај густо населените станбени зони, оваа област опфаќа и големи шумски површини.
Лавовите денес не живеат во дивината во Турција, поради што појавата на вакво животно во близина на населено место предизвика сериозна загриженост кај локалното население.
Видео: X