Новото продолжение на култната серија Grand Theft Auto, GTA 6, се очекува да биде еден од најголемите комерцијални проекти во историјата на индустријата за видеоигри. Амбициите на Rockstar Games се огромни, а финансиските проценки покажуваат дека станува збор за продукција со буџет каков што ретко се среќава дури и во Холивуд.
Иако Rockstar Games и матичната компанија Take-Two Interactive досега не објавиле официјална сума за трошоците, медиумските проценки и шпекулации го сместуваат буџетот за развој на играта во опсег од една до 1,5 милијарди долари. Во некои процени се споменуваат и суми над две милијарди долари, но тие не се официјално потврдени.
Високите трошоци се резултат на долгогодишниот развој, ангажманот на илјадници професионалци, напредната графика, анимациите, снимањето, создавањето на огромниот виртуелен свет и развојот на технологијата што треба да овозможи ново ниво на интерактивност.
Колку пари може да заработи GTA 6?
Очекувањата за комерцијалниот успех се уште поголеми од проценките за трошоците. Аналитичарите сметаат дека играта би можела да оствари неколку милијарди долари приходи во краток период по објавувањето.
Претходните пазарни прогнози на аналитичката компанија Newzoo предвидуваа приходи од околу 4,5 милијарди долари во првата недела, додека други процени предвидуваа исклучително силна продажба уште во првите денови.
Таквите очекувања се поврзани со огромната популарност на франшизата. GTA 5, која дебитираше во 2013 година, заработи повеќе од една милијарда долари во првите три дена и досега има над 200 милиони продадени копии ширум светот.
GTA 6 има можност да ги надмине овие резултати, особено ако се земат предвид проширениот пазар на видеоигри, дигиталната дистрибуција и дополнителните можности за заработка преку онлајн содржините.
Rockstar очекува нов финансиски рекорд
Важен дел од долгорочниот комерцијален потенцијал на играта ќе биде и онлајн компонентата, која би можела да генерира приходи со години преку дополнителна содржина, виртуелни предмети и други дигитални услуги.
За Take-Two Interactive, успехот на GTA 6 е од огромно значење. Компанијата има високи финансиски очекувања за фискалната 2027 година, во која проектира нето-резервации од околу осум до 8,2 милијарди долари. Во тие очекувања значаен придонес се очекува токму од новото продолжение на Grand Theft Auto.
Сепак, треба да се направи разлика меѓу вкупните приходи од продажбата и чистата заработка. Од приходите се одземаат трошоците за развој и маркетинг, провизиите на платформите, дистрибуцијата и даноците.
Едно е сигурно: GTA 6 е проект со потенцијал да постави нови стандарди не само во светот на видеоигрите, туку и во целата забавна индустрија, каде што најголемите филмски продукции досега ретко се приближувале до вакви финансиски размери.