Инфлуенсерката позната како Ката Аматиста имаше повеќе од три милиони следбеници, со кои отворено ги споделуваше најтешките моменти од лекувањето. Нејзините најблиски се простија од неа со зборови што трогнаа многумина.
Тажна вест пристигна од светот на социјалните мрежи. Каталина Фернандез, позната на интернет како Ката Аматиста, почина на 25-годишна возраст, по три години исполнети со тешка борба против малигнен тумор на мозокот.
Веста за нејзината смрт ја соопштија членовите на семејството преку нејзиниот Инстаграм-профил на 12 ноември. Нивната проштална порака предизвика бројни реакции и изрази на сочувство од луѓето кои со години ја следеа нејзината животна приказна.
Денес го напушти овој материјален свет. Нејзиното тело пронајде мир, но нејзината светлина, љубов и сè убаво што го остави зад себе засекогаш ќе живее во нас“, порачаа нејзините најблиски.
Дијагнозата ѝ го промени животот во 2023 година
Нејзината здравствена борба започнала во јули 2023 година, кога открила дека ѝ е дијагностициран медулобластом – малигнен тумор на мозокот.
Следувал тежок период на лекување, кој вклучувал операција и хемотерапија. Каталина одлучила своето искуство да не го задржи само за себе, туку преку видеа и објави редовно да ги информира своите следбеници за состојбата и предизвиците со кои се соочувала.
Токму искреноста со која зборувала за болеста ѝ помогнала да изгради заедница од повеќе од три милиони луѓе на Инстаграм, ТикТок и Јутјуб.
Поврзани објави
Семејството сака да ја паметат по животот, а не по болеста
Во емотивното обраќање, нејзините најблиски нагласиле дека болеста не била она што ја дефинирало Каталина. За нив, таа пред сè била девојка која знаела да ја препознае убавината во малите нешта и да ја пренесе својата позитивна енергија на другите.
До последниот миг нè учеше како да живееме, да бидеме благодарни, да уживаме во животот и да сфатиме дека секој ден е дар што треба да се слави“, напишале членовите на семејството.
По објавувањето на тажната вест, социјалните мрежи беа преплавени со пораки од следбеници кои ѝ оддадоа почит и се потсетија на нејзината истрајност.
Нејзината последна објава на Инстаграм повторно ги собра луѓето кои ја следеа низ годините, овојпат за да се простат од младата девојка чија приказна остави силна трага кај многумина.
Принтскрин/ Инстаграм / Gemini_Generated_Image