Енергетски пијалаци, сланина, колбаси и слатки печива се само дел од навиките што можат негативно да влијаат врз здравјето на срцето. Кардиолог предупредува дека начинот на кој го започнуваме денот е поважен отколку што мислиме.
Утринските навики можат да имаат многу поголемо влијание врз здравјето на срцето отколку што претпоставуваме. Она што го јадеме и пиеме веднаш по будењето, но и начинот на кој го започнуваме денот, може да влијае врз крвниот притисок, нивото на шеќер во крвта и работата на срцето.
Интервентниот кардиолог д-р Санџај Бојрај за CNBC издвоил пет навики што лично ги избегнува пред девет часот наутро. Дел од нив се особено присутни и во секојдневието на многу Македонци.
Причината е што во утринските часови организмот природно поминува низ промени. Растат нивото на кортизол и крвниот притисок, а се менува и активноста на нервниот систем. Истражувањата покажуваат дека срцевите удари почесто се случуваат наутро, делумно поради овие физиолошки промени.
1. Енергетски пијалаци веднаш по будењето
Многумина посегнуваат по енергетски пијалаци за побрзо да се разбудат и да добијат енергија. Но, кардиологот не ги препорачува како прв утрински избор, особено на празен желудник. Освен кофеин, овие пијалаци често содржат шеќер и други стимулативни состојки кои можат да го забрзаат пулсот и да го зголемат крвниот притисок. Кај почувствителните лица може да предизвикаат и нарушувања на срцевиот ритам.
2. Сланина и колбаси за појадок
Сланината, колбасите и другите преработени месни производи се уште една група намирници што кардиологот настојува да ги избегнува. Тие често содржат големи количества сол и заситени масти. Прекумерното внесување сол може да придонесе за висок крвен притисок, додека заситените масти можат да го зголемат нивото на ЛДЛ-холестеролот, кој е поврзан со поголем ризик од кардиоваскуларни заболувања. Како подобра алтернатива се препорачуваат јајца со зеленчук, свежо сирење и леб од интегрални житарки.
3. Кафе со многу шеќер и слатки додатоци
Поврзани објави
Кафето само по себе не мора да биде проблем, но количината на шеќер што ја додаваме може да направи голема разлика. Засладените кафиња со сирупи, шлаг и други додатоци можат брзо да го зголемат нивото на гликоза во крвта и да предизвикаат засилено лачење инсулин. Нивното редовно консумирање може негативно да влијае врз метаболичкото здравје, а со тоа и врз срцето. Подобар избор е обично кафе или кафе со многу мала количина додаден шеќер.
4. Слатки печива како прв оброк
Кроасаните, мафините и другите слатки печива често се избор кога немаме време да подготвиме појадок. Сепак, тие содржат многу рафинирани јаглехидрати и заситени масти, а малку влакна и протеини. Поради тоа, по нивното консумирање може да дојде до нагло зголемување, а потоа и до пад на шеќерот во крвта. Резултатот е замор и повторно чувство на глад за кратко време. Ако ваквата исхрана стане секојдневна навика, може негативно да се одрази врз здравјето.
5. Прескокнување појадок поради стрес и брзање
Кардиологот објаснува дека прескокнувањето на појадокот само по себе не мора да биде штетно. Поголем проблем е кога тоа станува последица на постојаното брзање, работниот притисок и недостигот на време за грижа за сопственото здравје. Ако секое утро започнува со стрес и кафе, без доволно храна и течности во текот на денот, кај некои луѓе може да се појават замор, нервоза и промени во нивото на шеќерот во крвта. Поважно од точното време на појадокот е исхраната во текот на денот да биде разновидна и избалансирана.
ШТО НАЈЧЕСТО ЈАДЕ КАРДИОЛОГОТ ЗА ПОЈАДОК?
Д-р Бојрај не препорачува комплицирани менија, туку едноставни оброци богати со протеини и растителни влакна, кои помагаат подолго да се одржи чувството на ситост. Меѓу неговите избори се јајца со овошје, грчки јогурт или свежо сирење со бобинки и јаткасти плодови. Често избира и овесна каша со чиа-семки. Кога поради семејните обврски нема време за целосен појадок, понекогаш го распределува во два помали оброка.
Неговата главна порака е дека за здраво срце не се потребни строги утрински правила. Многу поважно е што редовно јадеме и пиеме и какви навики одржуваме во текот на целиот ден.
Фото: pexels