На секого може да му се случи келнерот да донесе јадење што не го нарачал. Експерт за угостителство открива како културно да укажете на грешката, кога да побарате замена и во кои ситуации е оправдано да побарате менаџер.
Седнувате во ресторан, го разгледувате менито, внимателно нарачувате, а кога келнерот ќе го донесе јадењето, сфаќате дека тоа воопшто не е она што сте го побарале. Ваквата ситуација може да го расипе расположението и да создаде непријатност, особено ако сте излезени на ручек или вечера со семејството и пријателите.
Сепак, наместо да се нервирате или да реагирате остро, постои начин проблемот да се реши културно и без непотребни расправии.
Роберт Калиш, готвач и предавач на Факултетот за иновации и технологија на храната при Универзитетот „Џонсон и Велс“, советува дека најдобриот пристап е да бидете љубезни, конкретни и директни.
КАКО ПРАВИЛНО ДА МУ УКAЖЕТЕ НА КЕЛНЕРОТ?
Штом забележите дека сте добиле погрешно јадење, повикајте го келнерот и објаснете што се случило, без обвинувања и повишување на тонот.
Можете едноставно да кажете:
Извинете, мислам дека дошло до недоразбирање со мојата нарачка“.
Потоа објаснете што точно сте побарале и прашајте дали е можно да се исправи грешката. На пример, ако сте нарачале јадење без кромид, а ви го донеле со кромид, љубезно побарајте да ви подготват ново.
Експертот советува разговорот да се води тивко, без јавно негодување пред останатите гости. Гласните приговори можат дополнително да ја влошат ситуацијата и да создадат непријатна атмосфера на масата.
КОГА Е НАЈДОБРО ДА РЕАГИРАТЕ?
Поврзани објави
Времето на реакција е многу важно. На грешката треба да укажете веднаш штом ќе го добиете јадењето, а не откако ќе изедете поголем дел од него. Колку побрзо ресторанот дознае за проблемот, толку полесно ќе може да го реши, особено ако е потребно целосно ново јадење.
Ако заменската нарачка доцни, сосема е во ред повторно да го прашате келнерот колку време ќе биде потребно. Можете и да побарате предлог како најдобро да се реши ситуацијата, за да знаете што да очекувате.
ПОГРЕШНА НАРАЧКА ИЛИ ЈАДЕЊЕ ШТО НЕ ВИ СЕ ДОПАЃА?
Постои важна разлика меѓу јадење што ресторанот погрешно го подготвил и јадење што едноставно не ви се допаѓа.
Ако сте добиле нешто различно од она што сте го нарачале, сосема е оправдано да побарате грешката да биде исправена. Но, ако јадењето е подготвено точно според описот во менито, а вам не ви одговара вкусот, ситуацијата е поинаква. Во тој случај ресторанот не е должен да ви го замени оброкот, иако може да ви понуди друга можност.
Без разлика на ситуацијата, љубезноста е клучна. Повеќето угостители сакаат гостите да си заминат задоволни, па затоа треба да им дадете можност да го поправат пропустот. Едно едноставно „Ви благодарам, го ценам тоа“ може да придонесе комуникацијата да остане пријатна.
КОГА ТРЕБА ДА ГО ПОБАРАТЕ МЕНАЏЕРОТ?
Ако понуденото решение не ве задоволува или сметате дека проблемот не е соодветно решен, можете смирено да побарате разговор со одговорното лице во ресторанот.
Објаснете што се случило и какво решение очекувате, но избегнувајте навреди, лични забелешки и повишување на тонот.
Убавото однесување важи за двете страни. Не треба да прифатите јадење што очигледно се разликува од она што сте го нарачале. Однесувајте се кон персоналот онака како што сакате другите да се однесуваат кон вас. Бидете трпеливи, конкретни и запомнете дека повеќето луѓе само сакаат добро да си ја вршат работата“, порачува Калиш.
Фото: pexels