Комерцијална банка АД Скопје донесе одлука да учествува на претстојната берзанска аукција за продажба на доминантниот пакет акции во Алта банка АД Битола. Станува збор за 372.742 акции, односно 95,336 отсто од капиталот на банката, со почетна цена од 3.777 денари за акција.
Надзорниот одбор на Комерцијална банка на седницата одржана на 19 ноември одлучил банката да се вклучи во постапката за купување на акциите на Алта банка Битола. Одлуката е објавена преку Македонската берза, согласно правилата за информирање на инвеститорите.
Со овој потег Комерцијална банка повторно се обидува да стане сопственик на битолската банка, откако претходниот обид за преземање во 2024 година не успеа поради недоволниот број прифатени понуди од акционерите.
Тогаш Комерцијална банка понуди 3.200 денари за секоја од 390.977 обични акции, што претставуваше вкупна вредност од околу 20,3 милиони евра. Понудата ја прифатија акционери со 176.154 акции, односно 45,05 отсто од акциите со право на глас. За преземањето да биде успешно, беше потребна согласност од сопствениците на најмалку 67 отсто плус една акција.
Во меѓувреме, сопственичката структура на банката се промени. По аквизицијата од страна на српската Алта банка во 2025 година, тогашната Стопанска банка Битола го промени името во Алта банка АД Битола.
Аукцијата почнува на 30 ноември, можни се шест обиди за продажба
Предмет на новата продажба се 372.742 обични акции, кои претставуваат 95,336 отсто од вкупниот број акции на Алта банка Битола. Тие се во сопственост на Алта банка АД Белград, која се наоѓа во стечај.
Првата јавна берзанска аукција е закажана за 30 ноември 2026 година, со почетна цена од 3.777 денари за една акција.
Продажбата ќе се реализира по принципот „сè или ништо“, што значи дека заинтересираниот инвеститор ќе мора да го купи целиот понуден пакет, без можност за стекнување само на дел од акциите.
Доколку на првата аукција не се најде купувач, ќе следуваат нови обиди на 1, 2, 3, 4 и 7 декември. При секоја наредна аукција почетната цена ќе биде намалена за 10 отсто во однос на претходната.
Кој може да учествува во наддавањето?
Не секој заинтересиран инвеститор ќе може да се појави на берзанската аукција. Услов за учество е претходно добивање согласност од Извршниот одбор на Народната банка за исполнување на критериумите за стекнување квалификувано учество во банка.
Заинтересираните инвеститори требало најдоцна до 19 ноември да поднесат барање со потребната документација до Народната банка, заедно со писмена изјава дека средствата за купување на акциите ќе ги уплатат во предвидениот рок.
Трансакцијата ќе се плаќа во готово, а порамнувањето треба да биде завршено во рок од два работни дена од склучувањето на берзанската трансакција.
Доколку Комерцијална банка успее да го купи понудениот пакет, тоа би претставувало значајно проширување на нејзиното присуство во банкарскиот сектор во земјава и конечно реализирање на планот за преземање на битолската банка, кој беше актуелен уште во 2023 година.