Разговорите за тарифите меѓу Соединетите Американски Држави и Кина ќе продолжат денес во Женева, соопшти официјален претставник упатен во нивниот тек.
Во моментот нема сигнали дали е остварен прогрес за време на дискусиите меѓу американскиот секретар за финансии Скот Бесент и кинескиот вицепремиер Хе Лифенг, кои започнаа вчера и траеја повеќе од 10 часа.
Преговорите се одвиваат во вилата на швајцарскиот амбасадор во Обединетите нации во Женева, а Лифенг и Бесент се сретнаа во градот по неколку седмици засилени тензии околу тарифите за добра меѓу двете најголеми економии во светот кои се покачени за повеќе од 100 проценти.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека се постигнува „голем напредок“ во актуелните преговори меѓу САД и Кина за царините што ја загрозуваат глобалната економија, а исто така објави дека е можно „тотално ресетирање“.
Трамп наведе дека преговорите за редуцирање на американските тарифи се иницирани од Кина. „Многу добра средба денес со Кина, во Швајцарија. Многу се дискутираше, многу се договори. Целосно ресетирање е договорено на пријателски, но конструктивен начин“, напиша Трамп вчера на платформата Tрут Соушл.
Тој оцени дека во преговорите меѓу американската и кинеската делегација досега е „постигнат голем напредок“.
Кинеската официјална новинска агенција Синхуа објави дека разговорите во Женева се одржале „на барање на американската страна“ и дека Кина се согласила со нив „откако во целост ги земала предвид глобалните очекувања, националните интереси и апелите на американските бизниси и потрошувачи“.