Портпаролот на Европската комисија, Томас Рејниер, потврди дека Европската Унија била цел на кибер напад извршен со помош на вештачка интелигенција во октомври, нагласувајќи дека некои дигитални алатки на европските институции се уште се вон функција.
Рејниер не даде детали за самиот напад, ниту пак кажа кој би можел да стои зад него. Ова е првпат ЕУ да пријави кибер напад со употреба на алатка базирана на вештачка интелигенција.
„Алатките базирани на вештачка интелигенција можат да се користат – а особено злоупотребуваат – за откривање на ранливости. Можеме да потврдиме дека нападот е извршен со помош на алатки за вештачка интелигенција“, рече Рејниер.
Рејниер изјави дека ЕУ го открила инцидентот на 22 октомври, по што властите започнале истрага и вовеле „превентивни мерки“.
Тие инциденти првпат ги објави порталот „Политико“. Според нив, нападот траел најмалку 10 дена и влијаел на алатките за превод и обработка на барањата за надомест, како и на базите на податоци што се користат за евиденција на плати и работно време. Рејниер не сакаше да ги потврди тие обвинувања.
„Привремено затворивме неколку апликации“. Тој додаде дека „досега не се пронајдени докази за протекување податоци што би ги загрозило вработените во Европската комисија како целина“.
Агенцијата на ЕУ, CERT-EU, е задолжена за следење на дигиталната безбедност на различни институции на Унијата, кои – само во Брисел – вработуваат околу 40.000 луѓе.
Извор: МИА