Во време кога модната индустрија е под лупа заради прекумерното производство и отпадот што го остава зад себе, ATA Atelier ја раскажува поинаквата страна на приказната. Овој македонски бренд не ја користи кожата како симбол на луксуз, туку како втор живот на материјал што инаку би завршил во отпад. Така, секоја чанта, паричник или ремен не е само дизајн, туку облик на одговорност, уметност на реупотреба и доказ дека естетиката и етиката можат да живеат во ист производ.
ATA Atelier го враќа занаетот во современиот свет, но и нѝ покажува дека одржливоста не мора секогаш да звучи како голема индустриска стратегија, понекогаш започнува од рацете на еден човек што верува дека ништо не треба да се фрли, ако може повторно да стане убаво. Токму таму живее ATA Atelier, во минимализмот што зборува без зборови, во текстурата на кожа што дише, и во верувањето дека вистинската убавина е во трајноста, а не во трендот.
Како започна приказната на ATA Atelier и кој беше пресудниот момент занаетчиството да го претворите во сериозен бренд?
Приказната започна од фасцинацијата кон кожата како материјал и нејзината способност да старее достоинствено. Сакав да создадам предмети кои носат рамнотежа помеѓу естетиката и функционалноста. Пресвртниот момент беше апсолвирањето дека занаетот може да биде моќен одговор на современите еколошки предизвици. Решив да го претворам во бренд кога ја дефинирав мојата визија: да создадам предмети со силен карактер, каде што секој милиметар е математички пресметан. За мене убавината претставува хармонија и рамнотежа, а занаетот е всушност првата човечка претстава за убавото.
Во ера на масовно производство, како се гради бизнис заснован на рачна изработка?
Се гради со инсистирање на супериорна прецизност. Додека масовното производство се потпира на брзина и ниска цена, јас се потпирам на „бавната мода“ (slow fashion). Работата ја потпирам на принципот на дизајнерска дисциплина – секое парче е рачно скроено и машински зашиено за да трае со децении. Во дигиталната ера, луѓето сè повеќе го ценат она што е опипливо, автентично и создадено со индивидуална мисла и внимание.
Концептот на „тивок луксуз“ е сè поприсутен во модната индустрија. Како го разбирате овој термин и дали се препознавате во него?
„Тивкиот луксуз“ за мене е отсуство на потребата за докажување преку видливи логоа. Тоа е самодоверба што доаѓа од знаењето дека носиш нешто изработено од врвен материјал, беспрекорно скроено и совршено изработено. Тивкиот луксуз не вика, тој смирува и влева достоинство. ATA Atelier целосно се препознава во овој концепт. Нашиот луксуз е во тактилноста, во прецизниот раб и во хармонијата на формата. Тоа е луксуз наменет за оние кои ја ценат суштината и квалитетот пред сè друго.
Одржливоста често се користи како маркетиншки збор. Кога и како ја откривте вистинската врска меѓу кожарството и еколошкиот пристап?
Врската ја открив низ логиката на потеклото на материјалот. Во јавноста често се заборава дека кожата е секундарна суровина, нуспроизвод на прехранбената индустрија. Доколку овие кожи не се пренаменат во танериите, тие не би биле искористени. Понатаму, важно е да се нагласи дека природната кожа е еколошки супериорна во однос на нејзините вештачки замени. Т.н. „веганска“кожа најчесто е пластика, дериват на нафта кој не е биоразградлив. Природната кожа е органска, долговечна и претставува многу поодржлив избор од било кој синтетички материјал.
Поврзани објави
Како изгледа вашиот процес на селекција на материјали и патот од сурово парче кожа до готов дизајнерски предмет?
Процесот започнува со внимателна селекција на најквалитетната кожа, која сама по себе е благороден материјал. Тоа е процес на целосно заокружување на еден циклус на вредности. Потоа, низ инженерска мисла му даваме нова форма и трајна намена. Процесот е бавен: сè започнува со проектирање на шаблонот и рачно кроење за да се искористи секој сантиметар од материјалот. Низ прецизна изработка, ја трансформираме кожата во софистициран дизајн, осигурувајќи се дека му даваме нова, естетска намена на ресурсот.
Дали постои потенцијал за извоз и каква е реакцијата на странските купувачи на ваков тип занает?
Европскиот пазар е исклучително свесен за разликата помеѓу природната кожа и нејзините нафтени деривати. Странските купувачи бараат транспарентност и ја ценат занаетчиската изработка. Кога се комуницира дека производите на ATA Atelier се направени преку процес на одговорно искористување на ресурсите, тоа создава силна етичка врска. Квалитетната рачна работа, комбинирана со свесниот пристап кон материјалите, е нешто што е исклучително атрактивно и ценето на западниот пазар.
Што го прави ATA Atelier различен во морето од нови брендови?
Хармонијата помеѓу инженерскиот пристап и занаетчиската приказна. Ние не само што изработуваме, ние проектираме форми. Но, зад таа строга дисциплина, секогаш стои музиката во ателјето и верувањето во “The First Scratch”. Тој прв белег на кожата не е грешка, туку почеток на нејзиниот карактер. Тоа е моментот кога нашиот дизајн престанува да биде мој и почнува да ја раскажува вашата приказна. Тоа е предмет со душа кој има приказна во себе.
Вашиот потпис е работата со вегетабилна кожа. Зошто го избравте токму овој материјал и што планирате во иднина?
Вегетабилната (растително штавена) кожа е материјал кој не ги крие своите несовршености, туку гордо ги истакнува. Во нејзиниот процес на танирање се користат исклучиво природни растителни екстракти, без хемикалии и вештачки филмови кои би ги покриле природните траги или белези. Токму тие карактеристики го прават секое парче автентично.
Во иднина, мојот фокус останува на усовршување на техниките кои ја слават оваа сурова убавина, патувањата како вечна инспирација и на „zero-waste“пристапот, каде што секој остаток од овој благороден материјал добива своја намена.
Фото: ATA Atelier