Table of Contents
Препознатлива по своите новинарски приказни пред камерите, Александра добро знае дека негуваниот изглед е важен, но дека вистинскиот впечаток се гради со знаење, карактер и ментална сила.
За неа, убавината не е само она што го гледаме во огледалото, туку и начинот на кој се доживуваме себеси. Александра Вуксановиќ, која со години е присутна пред телевизиските камери, верува дека природниот изглед е безвременски, брчките се дел од животната приказна, а различностите нè прават убави. Во нашиот искрен разговор, таа открива што сака, што не сака и што научила да прифаќа кај себе – од својот специфично светол тен и промените што ги носи времето, до филтрите на социјалните мрежи и малите ритуали со кои се грижи за својот изглед.
Како се има менувано вашата перцепција за убавината низ годините?
Ќе ви откријам дека вашето прво прашање го одговорив последно. Ми требаше време да размислам и сфатам дека мојата перцепција за убавина не еволуирала. За мене, и во минатото и денес, убавината значи природен изглед. Како илустрација би ги посочила Грејс Кели и Шерлиз Терон.
Кои се вашите правила за нега и убавина од кои никогаш не отстапувате?
Не легнувам да спијам без да ја отстранам шминката, да го измијам лицето (понекогаш со сода бикарбона, совет од баба ми) и да ставам ноќен крем и крем околу очи. Се обидувам да не заборавам да пијам редовно вода, бидејќи внатрешната хидратација му дава свежина на лицето.
Сметате ли дека изгледот игра главна улога во вашата професија?
Физичкиот изглед за луѓето што работат пред камера игра значајна улога, но не и пресудна. Важно е да се грижиме и негуваме, но не само за нашето тело, лице, кожа и коса. Во исто време треба да ги надградуваме и знаењето, вештините и да го негуваме менталното здравје. Бидејќи ако на екраните видиме убав лик кој не знае да зборува правилно и не е подготвен за темата, тогаш изгледот паѓа во вода.
Велат дека сјајот на задоволната жена блеска повеќе од која било шминка на светов. Што ве прави задоволна и среќна во животот?
Поврзани објави
Да! Среќната жена е убава жена. Мене среќна ме прави среќата на моите блиски, а задоволна ме прави сопругот и успешно завршената работа. Среќна сум што ја работам оваа професија која ме исполнува од глава до петици.
Како се справувате со промените што ги носи времето?
Стареењето не треба да нè плаши, треба да нè радува. Тоа е природниот циклус на животот, колку и да го сопираме и забавуваме, кога тогаш ќе нè стаса. Им се воодушевувам на жените што стареат со самодоверба и стил без да прават корекции, чекорејќи гордо со секоја нова брчка која раскажува уште една приказна од нивниот живот. Јас си ги сакам моите брчки, досега не сум помислила да менувам нешто, но тоа не значи дека ги судам оние кои се одлучуваат за филери и ботокс.
Сте имале ли никогаш проблем со самодовербата?
Чинам секој човек понекогаш поминува низ период кога самодовербата му опаѓа. За среќа кај мене тоа не траело интензивно бидејќи многу работам на својата ментална хигиена, па не дозволувам да ме совладаат негативните мисли. Ова првпат го кажувам јавно, но мојот екстремно светол тен понекогаш го чувствувам како маана, а понекогаш како нешто што ме прави посебна. Од кога знам за себе не ми поминало лето, а да не слушнам „леле колку си бела”, „па, нели беше на одмор, пак си како сиренце” или „зошто си толку бела?”. Иако се сакам себеси и сум се прифатила таква каква што сум, понекогаш, потсвесно овие коментари ми влијаеле врз самодовербата. Бидејќи јас не можам да потемнам на сонце, денес, кога сакам да имам исончан тен ставам спреј за самопотемнување, но само затоа што јас го сакам тоа. Преостанатите 350 дена од годината гордо шетам со мојата „сина крв”.
Како да се зачува самодовербата во ерата на филтрирани и фотошопирани фотографии на социјалните мрежи?
Уф, многу убаво прашање. Мојот одговор би бил со некористење на тие алатки. Тоа е магичен круг, ако почнете да експериментирате, нема крај. Со тие филтри сите личат една на друга, а според мене убавината е во различностите. Секоја жена сака да изгледа како излезена од насловна на модно списание и нема ништо лошо во тоа да сакаме да го извлечеме најубавото од себе, но ајде да го правиме тоа на најприроден начин. Лошо е да нè ве препознаат кога ќе ве сретнат во живо.
Разговарала: Марија Лукаревска
ФОТО: ДАРКО МИТРЕСКИ, ИНСТАГРАМ