Table of Contents
Искористете ја кралицата на есента во неочекувани комбинации на вкусови
Тиквата секоја есен се враќа на сцената – во супи, пити, колачи и зачинети напивки. Наместо во вообичаените јадења, оваа сезона искористете ја кралицата на есента во пикантни и по малку неочекувани комбинации. Од тестенини инспирирани од карбонара до крцкави кесадиљи и печена тиква со фета-сирење – ви предлагаме три идеи за рецепти со тиква на поинаков начин.
1. КРЕМЛИВА „КАРБОНАРА“ СО ТИКВА
Италијански класик со есенски пресврт. Тиквата тука не е само додаток – токму таа ја создава кремливата текстура на сосот, поради што нема да ви треба големо количество на павлака за готвење.
Состојки:
За 2 лица:
- 200 г шпагети
- 150 г пире од печена тиква
- 1 јајце + 1 жолчка
- 40 г ситно рендан пармезан
- 80 г панчета или сланина
- 1 чешне лук
- ½ лажичка чадена пиперка
- сол и црн пипер
- малку вода од сварените тестенини
- свежа жалфија, по желба
Приготвување:
1. Сварете ги шпагетите „ал денте“ и зачувајте околу 100 мл од водата.
2. Во сад измешајте ги јајцето, жолчката, пармезанот и пирето од тиква.
3. Во тава испржете ја панчетата додека стане крцкава, па додајте ги лукот и чадената пиперка.
4. Тргнете ја тавата од оган и додајте ги шпагетите.
5. Додека се сè уште топли, додајте ја смесата со тиква и јајца, постепено додавајќи малку од водата од тестенините за да добиете мазен, кремлив сос.
6. Завршете со црн пипер, пармезан и, ако сакате, неколку крцкави листови жалфија.
2. КРЦКАВИ КЕСАДИЉИ СО ТИКВА И ФИТА
Кога мексиканската улична храна ќе добие есенски печат, резултатот е вистинска рапсодија на вкусови. Слатка тиква, солена фета, топено сирење и малку луто-сладок мед – комбинација која звучи необично, но функционира совршено.
Состојки:
За 2–3 лица:
- 4 тортиљи
- 200 г печена тиква
- 100 г фета
- 100 г моцарела
- 1 млад кромид
- ½ лажичка чили-снегулки
- ½ лажичка чадена пиперка
- сол и бибер
- малку масло
За сосот:
Поврзани објави
- 2 лажици мед
- ½ лажичка чили-снегулки
- неколку капки лимонов сок
Приготвување:
1. Испечете ја тиквата и изгмечете ја со виљушка, но не целосно – убаво е да останат мали парчиња.
2. Додајте чадена пиперка, чили-снегулки, бибер и малку сол.
3. На половина од секоја тортиља распоредете тиква, издробена фета и моцарела, па преклопете.
4. Печете ги во загреана тава со малку масло по 2–3 минути од секоја страна, додека тортиљата стане златна и крцкава, а сирењето се растопи.
5. За слатко-лутиот сос, загрејте го медот со чили-снегулки и неколку капки лимон.
6. Пресечете ги кесадиљите на триаголници и прелијте ги со малку од медот.
3, ПЕЧЕНА ТИКВА СО МАТЕНО ФЕТА-СИРЕЊЕ
Од прилог до главна ѕвезда на трпезата – овој рецепт е многу едноставен, а визуелно привлечен. Топлата, карамелизирана тиква се комбинира со ладно и кремливо фета-сирење, пикантно масло и крцкави ореви.
Состојки:
- 500 г тиква
- 150 г фета-сирење
- 2 лажици грчки јогурт
- 1 лажица маслиново масло
- 40 г ореви
- 1 лажичка чили-снегулки
- 1 лажичка мед
- сок од ½ лимон
- сол и црн бибер
- свежа мајчина душица
Приготвување:
1. Пресечете ја тиквата на поголеми парчиња, прелијте ја со маслиново масло, посолете и забиберете.
2. Печете на 200 °Ц, 25–30 минути, додека рабовите станат златни и карамелизирани.
3. Во меѓувреме, блендирајте ја фетата со грчкиот јогурт и лимоновиот сок додека добиете мазен крем.
4. На чинија распоредете го кремот од фета, а врз него ставете ја топлата тиква.
5. Прелијте со малку мед и масло од чили или маслиново масло со чили-снегулки.
6. Завршете со крупно сечкани печени ореви и свежа мајчина душица.
ФОТО: GETTY IMAGES