Почетна ЕкономијаОнлајн трговецот Тему би можел да се соочи со висока парична казна поради неуспехот да ја спречи продажбата на нелегални производи на својата платформа

Онлајн трговецот Тему би можел да се соочи со висока парична казна поради неуспехот да ја спречи продажбата на нелегални производи на својата платформа

од nenad
2 минути читај за

Онлајн трговецот Тему би можел да се соочи со висока парична казна поради неуспехот да ја спречи продажбата на нелегални производи на својата платформа, соопшти денеска Европската комисија.

Проверките за усогласеност на производите на гигантот за е-трговија, процедурите за модерирање содржини и системот на санкции се неефикасни, наведе Комисијата.

– Купувањето преку интернет не треба да значи ризик од купување нелегални и небезбедни производи – изјави потпретседателката на Европската комисија, Хена Виркунен.

Компанијата Тему, која е во кинеска сопственост, има право да се брани и може да воведе промени за да ги отстрани недостатоците. Сепак, доколку Комисијата на крајот потврди прекршување на Законот за дигитални услуги (DSA), компанијата би можела да се соочи со казна до 6 проценти од нејзиниот глобален годишен обрт.

Комисијата во мај го казни Тему со 200 милиони евра (220 милиони долари) откако на неговата платформа беа пронајдени небезбедни играчки за бебиња и мали електронски уреди. Трговецот оттогаш вети дека ќе го реши проблемот.

Во новиот извештај на Комисијата се вели дека иако Тему има воспоставено безбедносен протокол, платформата бара извештаи од тестирања само за мал дел од производите и честопати не ги проверува тие извештаи.

Покрај тоа, производите во категориите со висок ризик, како што се играчките или козметиката, не се проценуваат доволно ригорозно и често, а инспекциите не се зголемени во согласност со растот на понудата.

Системот за модерирање содржини на Тему не се фокусира доволно на безбедноста на производите и нивните ризици, соопшти Комисијата.

Комисијата исто така заклучи дека системот на санкции на Тему не се справува ефикасно со продажбата на небезбедни производи.

„Санкциите се изрекуваат на поединечни продавници наместо на трговецот кој стои зад нив, иако еден трговец може да управува со повеќе продавници. Затоа, трговецот чија продавница е затворена може да продолжи да продава преку своите други продавници“, наведе Комисијата.

„Трговците можат да направат голем број сериозни прекршувања, вклучително и продажба на производи кои не ги поминуваат безбедносните проверки, пред Тему да суспендира која било од нивните продавници“, се вели во соопштението.

Комисијата во 2024 година почна широка истрага против Тему поради загриженост дека трговецот не ги исполнува барањата согласно Законот за дигитални услуги.

Некои прашања опфатени со истрагата, вклучувајќи ги потенцијално зависничките карактеристики на дизајнот и алгоритмот на платформата што се користи за препорачување купувања на корисниците, сè уште се под истрага.
Извор: МИА