Една од песните на Тоше Проески што и денес предизвикува силни емоции кај публиката има приказна зад себе каква што малкумина би очекувале. Стиховите за баладата „Соба за тага“ не настанале во музичко студио, ниту пак ги напишал професионален текстописец. Нивниот автор во тоа време се наоѓал зад затворските решетки, каде што отслужувал казна за убиство на сопругата.
Иако Тоше трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа на 16 октомври 2007 година, неговата музика продолжува да живее и да допира нови генерации слушатели. Меѓу песните што оставија длабока трага во неговата кариера е и „Соба за тага“, балада чии стихови носат особено тешка животна приказна.
Според објавените информации, текстот бил напишан додека авторот ја издржувал затворската казна. Стиховите, исполнети со тага и силни емоции, на некој начин стигнале до менаџерот на Тоше, кој веднаш го препознал нивниот потенцијал и му предложил на пејачот да ги претвори во песна.
Тоше ја прифатил идејата, а „Соба за тага“ со текот на времето се вброила меѓу неговите најпознати балади.
Особено необичен е и условот што го поставил авторот. Имено, тој не побарал пари за стиховите, туку имал само една желба – неговото име да биде споменато во оригиналното издание на албумот. Желбата му била исполнета.
Така, стиховите создадени зад затворските ѕидови станале дел од музичкото наследство на Тоше Проески – песна што и по многу години продолжува да буди емоции и да ја потсетува публиката на неговиот препознатлив музички израз.
Видео: Youtube