На крајот на 2031 година се очекува да биде финализирано електричното поврзување меѓу Грција и Кипар, преку Крит, според грчкиот Независен оператор за преносниот систем на електрична енергија (АДМИЕ), а за конкретното прашање, како и темите од надворешната политика, шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис денеска ќе ги информира лидерите на политичките партии, јави дописничката на МИА од Атина.
Францускиот брод што ќе ги врши истражувањата, во вторникот отплови од пристаништето во градот Ираклио на Крит, откако на почетокот на месецов беа добиени потребните дозволи за истражување и поставување на подморскиот кабел.
Од АДМИЕ, како што пренесуваат грчките медиуми, соопштија дека проектот, со вредност близу 2 милијарди евра, има значителни технички предизвици поврзани, пред сè, со големите морски длабочини, кои на одредени делови од трасата во Источниот Медитеран достигнуваат и до 3.000 метри.
– Рокот за завршување на интерконекцијата меѓу Крит и Кипар, во должина од 898 километри и со преносен капацитет од 1.000 мегавати, е предвиден за крајот на 2031 година, додека буџетот на проектот изнесува 1,94 милијарди евра. Од нив, 657 милиони евра се обезбедени од Европската Унија преку механизмот за поврзување на Европа CEF (Connecting Europe Facility), бидејќи поврзувањето е карактеризирано како „проект од заеднички интерес“ на Европската Унија, соопштија од АДМИЕ.
Поврзувањето меѓу Крит и Кипар е првиот дел од проектот, додека вториот дел ја опфаќа електричната интерконекција меѓу Кипар и Израел, во должина од 310 километри, за која е завршена студијата за економска оправданост, со позитивни резултати.
Според АДМИЕ, завршувањето на проектот ќе го означи електричното поврзување на Кипар, последната земја членка на Европската Унија која сè уште не е поврзана со европскиот електропреносен систем, а со тоа ќе се зајакне енергетската сигурност на островот.
Пред три месеци, француската инвестициска групација „Меридиам“ (Meridiam) специјализирана за инфраструктурни проекти од стратешко значење, како мнозински акционер стана дел од компанијата „Грејт си интерконектор“ (Great Sea Interconnector), односно проектот за електрично поврзување меѓу Грција и Кипар, а тогаш беше потпишан и стратешки договор меѓу АДМИЕ, ГСИ и француската компанија за производство на кабли и решенија за електроенергетски мрежи „Нексанс“ (Nexans), со кој трите компании ќе соработуваат од самиот почеток за забрзување на работите, со приоритетно завршување на истражувањата на морското дно.
За електричното поврзување со Кипар, но и за темите од надворешната политика, шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис во текот на денешниот ден, на одделни средби ќе ги информира лидерите на политичките партии.
Извор: МИА