Чувството на гребење, чешање и присуство на туѓо тело во окото може да биде предизвикано од заглавена трепка. Оптичар објаснува како правилно да ја отстраните, но и кои постапки треба да ги избегнувате за да не го повредите окото.
Губењето една или две трепки е сосема природна појава, но проблемот настанува кога тие ќе завршат во окото. Тогаш може да предизвикаат иритација, чешање и непријатно чувство како да имате песок во окото.
Според советите на оптометристот Роберт Енгел, постои едноставен начин за безбедно отстранување на трепката, пишува „Кливленд клиник“.
Првиот чекор е темелно да ги измиете и исушите рацете за да спречите внесување бактерии. Доколку носите контактни леќи, задолжително отстранете ги пред да започнете. Застанете пред огледало и нежно раздвојте ги очните капаци со прстите за подобро да ја прегледате внатрешноста на окото.
Понекогаш доволно е неколкупати да трепнете за солзите природно да ја исфрлат трепката. Ако таа останала под очниот капак, нежно повлечете го капакот и движете го окото во различни насоки.
Доколку ја забележите трепката на белката на окото, можете внимателно да ја отстраните со врвот на навлажнето памучно стапче или со чиста влажна марамица. Ако се наоѓа на шареницата, односно обоениот дел од окото, не обидувајте се да ја допирате. Наместо тоа, исплакнете го окото со физиолошки раствор, вештачки солзи или нежен млаз млака вода.
Поврзани објави
Во повеќето случаи, трепката сама излегува со помош на солзите или со плакнење. Нема опасност таа да помине зад очното јаболко и таму да остане. Тенката мембрана наречена конјунктива го штити окото и спречува туѓите тела да навлезат подлабоко.
Што не треба да правите?
Никогаш не обидувајте се да ја отстраните трепката со неизмиени раце, нокти, пинцета или други остри предмети. Избегнувајте триење на окото и притискање на очните капаци, бидејќи така може дополнително да ја иритирате или повредите чувствителната површина на окото.
Лекарска помош е потребна доколку црвенилото и солзењето не престануваат, имате постојана болка, исцедок, крвавење или заматен вид. Овие симптоми може да укажуваат и на друг проблем, како инфекција или сувост на очите.
Енгел предупредува дека честото испаѓање на трепките треба да се испита, наместо самостојно да се преземаат мерки, како нивно скратување. Повремено завршување на трепка во окото е вообичаена и најчесто безопасна појава, но правилниот начин на отстранување е важен за да се избегнат непотребни повреди.
Фото: pexels