Почетна Убавина и здравјеМарија Лазарова ни откри што (не) сака кај себе – Убавина и здравје

Марија Лазарова ни откри што (не) сака кај себе – Убавина и здравје

од nenad
3 минути читај за

На сцената може да се трансформира во кој било лик. Во приватниот живот претпочита да биде своја. Марија Лазарова искрено зборува за убавината, ритуалите за нега и самодовербата што ја изградила со помош на подемите и падовите низ годините.

Во свет каде што филтрите, трендовите и естетските стандарди секојдневно ја редефинираат убавината, таа верува дека највредното нешто што една жена може да го направи е да остане верна на себе. Актерка, мејкап-артистка и жена што добро знае што значи трансформација, и на сцената и надвор од неа, Марија Лазарова ни открива кои се тајните на нејзината убавина и што, според неа, е вистинскиот извор на женската самодоверба.

Како некој што се занимава и со актерство и со мејкап, сметаш ли дека многу жени ја користат шминката како „маска“ во реалниот живот?

Не, мислам дека повеќе следат трендови, а јас, како артист, се трудам да го пронајдам нивниот автентичен израз. Мојот личен стил на шминкање е изгледот „долче вита“. Претпочитам шминка што изгледа чисто, но сакам и драматичен изглед.

Што мислиш за денешните стандарди за убавина?

Стандардите за убавина се менуваат според актуелниот тренд. Мојот стандард за убавина е следење на сопствените карактеристики и културата од која потекнувам.

Кои се твоите ритуали за нега и убавина од кои никогаш не отстапуваш?

Секојдневно се грижам за кожата и косата, правам третмани за тело и вежбам, јадам од задоволство. Хигиената, витамините и кремовите за хидратација ми се најважни. Но најважно ми е да сум задоволна како жена, ако се разбираме.

Како ги негуваш духот и психата?

Работам на себе со секојдневна самоанализа. Разговарам со најблиските и со психолог. Се фокусирам да бидам продуктивна. Цело време слушам музика и си го исполнувам времето со нешто креативно. Си ја негувам верата преку своите дела.

Си имала ли период во животот кога си се чувствувала несигурно поради некоја твоја физичка карактеристика?


Поврзани објави

Порано ми пречеа асиметријата на лицето и мојот изразен нос, но го надминав тоа. Сега се гордеам со своите специфични црти. Ја раскажуваат мојата приказна.

Што сакаш, а што не сакаш кај себе?

Физички сакам што отсекогаш сум била фит, имам густа коса и специфични црти и очи. Не сакам што телото ми задржува вода и имам проблеми со подуеност. Не би сменила ништо за сега, но постојано вложувам во својот изглед. Карактерно сакам што сум истрајна, цврста и чувствителна. Не сакам што некогаш премногу им угодувам на другите, знам да ги одложувам нештата и да бидам импулсивна.

Актерството е јавна професија, а самодовербата е задолжителна за да се настапи пред публика. Кои се твоите совети за стекнување поголема самодоверба?

Не би рекла дека самодовербата е задолжителна. Задолжителни се сигурноста во знаењето и вештините и контролата врз телото и умот. Сето тоа се стекнува со работа и со подемите и падовите во животот. Самодовербата се стекнува со достигнувања, дисциплина и негување на добрите особини.

ТОП 3 ПРОИЗВОДИ

1. Антиперспирант – за чувство на свежина во текот на целиот ден.

2. Хидратантен крем за лице – за чисто и негувано лице.

3. Кесички чај од нане во фрижидер – прва помош за подочници и подуени очни капаци.

Разговарала: Марија Лукаревска