Почетна Убавина и здравјеМаж кој не спиел 84 часа ги опиша бизарните халуцинации што ги доживеал (ВИДЕО)

Маж кој не спиел 84 часа ги опиша бизарните халуцинации што ги доживеал (ВИДЕО)

од nenad
2 минути читај за

Американски јутјубер сакал да провери колку долго човечкото тело може да издржи без сон, но експериментот добил застрашувачки пресврт. Почнал да гледа суштества што не постоеле, да го губи чувството за време и да чувствува силни болки во телото.

Американскиот јутјубер Лук Џеј одлучил да се подложи на необичен експеримент – да остане буден цели 84 часа и да забележи како недостатокот на сон ќе влијае врз неговото тело и ум.

Своето искуство го снимил и го објавил на Јутјуб, но она што го доживеал било многу потешко отколку што очекувал. По неколку дена без спиење, почнал да халуцинира, да ја губи ориентацијата во времето и да има сериозни физички тегоби.

Ги гледал работите што воопшто не постоеле

Во еден момент му се причинило дека гледа огромен инсект, иако воопшто немало ништо пред него. Подоцна бил убеден дека на неговиот кауч седи жена, која исто така била само плод на неговата фантазија.

Покрај халуцинациите, забележал дека сè потешко разликува што навистина направил, а што само си замислил. Целосно му се променило и чувството за време, па наместо да ги следи часовите, единствена цел му станало да остане буден.

До средината на четвртиот ден почнале да го болат мускулите и целото тело, а чувството го споредил со она по исклучително напорен физички тренинг.

Што му се случува на организмот по 72 часа без сон?

Последиците од продолженото неспиење можат да бидат сериозни. Според предупредувањата на медицинските експерти, по 72 часа без сон може да дојде до значителни промени во расположението, нарушено размислување, раздразливост, анксиозност, па дури и халуцинации.

Недостатокот на сон влијае и врз имунолошкиот систем, ја намалува способноста на организмот да се бори против инфекции и го отежнува закрепнувањето.

Токму поради ризиците, Гинисовата книга на рекорди престанала да ги следи обидите за поставување рекорди во неспиење.

Сакал да издржи седум дена, но се откажал

Интересно е што Лук првично планирал да остане буден дури седум дена. Сепак, откако се информирал за можните здравствени последици, решил да постави граница од 84 часа.

До крајот на експериментот веќе имал халуцинации и едвај одел нормално, па сфатил дека мора да престане.

Но, последиците не исчезнале веднаш. Јутјуберот открил дека и неколку недели подоцна имал проблеми со заспивањето, а кога конечно ќе заспиел, спиел многу подолго и поцврсто од вообичаено.

Неговата порака до оние што би сакале да го повторат експериментот е јасна: ваквиот предизвик не вреди да се ризикува здравјето. Продолженото лишување од сон не е безопасен тест на издржливост, туку сериозна закана за организмот.

printskrin youtube