Почетна Убавина и здравјеПорака што продолжува да спасува животи – Убавина и здравје

Порака што продолжува да спасува животи – Убавина и здравје

од nenad
3 минути читај за

На 7 октомври, во Рагуза 360 во Скопје, ќе се одржи настанот „Check Your Boobs – Порака што продолжува да спасува животи“, кој ќе обедини разговор, едукација, лични приказни и поддршка

Повеќе од три години откако нѐ напушти Марија Бунда Калпак, младата докторка која до последен момент се бореше со ракот на дојка, но нејзината порака продолжува да живее.

Марија многумина ја паметат по нејзината стручност, но и по нејзината насмевка, позитивна енергија и неверојатен дух. И во најтешките моменти од својата борба, таа отворено зборуваше за своето искуство, споделуваше знаење и ги охрабруваше жените да се грижат за своето здравје и да реагираат навреме.

Токму од таа желба се роди „Check Your Boobs“, едноставна и директна порака која Марија ја претвори во повик за акција. По нејзиното заминување, пораката продолжи да живее преку луѓето кои ја прифатија и преку здружението „Марија – Провери се“, кое активно работи на подигнување на свеста за ракот на дојка, превенцијата, раното откривање и поддршката за жените кои се соочуваат со оваа дијагноза.

По минатогодишниот прв годишен настан, здружението и оваа година организира средба посветена на Марија и на мисијата која ја започна.

На 7 октомври, во Рагуза 360 во Скопје, ќе се одржи настанот „Check Your Boobs – Порака што продолжува да спасува животи“, кој ќе обедини разговор, едукација, лични приказни и поддршка.

Настанот ќе започне со потсетување на Марија преку кратко видео „Која беше Марија и што нѐ научи?“, по што ќе биде претставен развојот на здружението и резултатите од неговото досегашно работење.

Централниот дел од вечерта ќе биде панел-дискусијата „Прашај го експертот: Сѐ што сакате да знаете за ракот на дојка“, на која посетителите ќе имаат можност директно да постават прашања до д-р Соња Јованоска, специјалист радиолог, д-р Наташа Толеска Димитровска, специјалист торакален хирург, д-р Даниела Попоска, специјалист онколог, Никола Дукоски, психолог, и д-р Александар Митов, магистер по јавно здравје.

Разговорот ќе го опфати ракот на дојка од повеќе аспекти, од превенцијата и прегледите, до дијагнозата, лекувањето и психолошката и нутриционистичката поддршка.

Посебен дел од програмата ќе бидат и „Приказни што инспирираат“, во кои ќе зборуваат жени кои ја поминале борбата со ракот на дојка, како и кориснички на донациите обезбедени преку активностите на здружението.

Во продолжение ќе биде претставено и влијанието што пораката „Check Your Boobs“ го има денес, како и следните активности на здружението.


Поврзани објави

Вечерта ќе донесе и посебен музички момент, „Да го славиме животот“, во кој The Hounds ќе изведат музика од Марија.

Програмата ќе заврши со повик за поддршка и соработка, поставувајќи го прашањето „Кому вечерва ќе му кажеш Check Your Boobs?“

По официјалниот дел, присутните ќе имаат можност за вмрежување и посета на информативните штандови со едукативни материјали и производи изработени од млади креативци, инспирирани од пораката на здружението. Во рамки на настанот ќе биде поставен и „Ѕидот на сеќавања и надеж“, со прашањето „Што ме научи Марија?“.

Настанот е отворен за сите кои сакаат да дознаат повеќе за ракот на дојка, да се запознаат со работата на здружението, да постават прашање, да дадат поддршка или да се приклучат кон неговата мисија.

Регистрацијата е достапна преку формуларот на линкот во био на Instagram профилот @m_checkyourboobs, каде редовно се објавуваат и сите информации за настанот, активностите на здружението и можностите за поддршка.

Марија сакаше нејзината приказна да ги поттикне жените да бидат свесни за своето здравје и да реагираат навреме.

Денес, таа мисија е и наша. Затоа пораката продолжува.

 

CHECK YOUR BOOBS

Порака што продолжува да спасува животи.

7 октомври, 19:30 часот

Рагуза 360, Скопје

Во продолжение прочитајте го и минатогодишниот разговор со д-р Ивона Јованоска, основачка на здружението „Марија – Провери се“ и сестра на Марија Бунда Калпак:

Д-р Ивона Јованоска ја продолжи мисијата на сестра ѝ Марија: „Сакав да ја претворам нејзината приказна во поттик за жените повеќе да се грижат за себе!“