Table of Contents
Кората, семките, стебленцата и другите делови што обично завршуваат во отпад може да имаат значителна хранлива вредност. Истражување на научници од лондонскиот Кралски колеџ открива дека кај повеќето испитани намирници овие делови содржат повеќе влакна од оние што вообичаено ги јадеме.
Кога подготвуваме оброк, често ги лупиме плодовите, ги отстрануваме стебленцата и ги фрламе листовите. Но, пристапот „од корен до врв“ поттикнува да ги искористиме сите јадливи делови од растенијата, наместо непотребно да ги фрламе.
Каде се кријат дополнителните влакна?
Во истражувањето биле анализирани 12 намирници, меѓу кои цвекло, брокула, пиперка, тиква, карфиол, киви, праз, ананас и лубеница. Резултатите покажале дека кај 10 од 12 намирници деловите што обично се отстрануваат имале повеќе растителни влакна на 100 грама отколку деловите што редовно се консумираат.
Особено се издвоиле кората и средишниот дел на ананасот, кои имале околу четири пати повеќе влакна од плодот. Остатоците од тиквата имале повеќе од трипати поголема количина, додека кората од киви содржела речиси двојно повеќе влакна од внатрешноста.
Исклучоци биле стебленцата од брокула и средишниот дел на анасонот, кај кои количината била нешто помала.
Не мора сè да заврши во отпад
Поврзани објави
Истражувачите забележале дека здравјето е посилен мотив за промена на навиките отколку грижата за животната средина. Иако многумина знаат дека корите можат да бидат хранливи, тоа не значи дека автоматски сакаат да ги вклучат во исхраната.
Сепак, кората од киви, листовите од зеленчукот и јадливите стебленца можат да се искористат во салати, супи и смути, доколку се соодветно подготвени.
Внимание при подготовката
Авторите нагласуваат дека резултатите се првични: анализиран бил само по еден примерок од секоја намирница, а мерењата биле направени на сурови производи. Количината на влакна може да варира според сортата и условите на одгледување.
Важно е јадливите делови темелно да се измијат. Некои кори може да содржат остатоци од пестициди, а одредени делови од растенијата имаат природни соединенија што не се погодни за консумирање. Затоа, не треба да се претпостави дека секој дел од секој зеленчук или овошје е безбеден за јадење.
PEXELS