Table of Contents
Секогаш елегантна, негувана и со препознатлива насмевка пред камерите, Алмедина Исмајли е едно од лицата што лесно го привлекуваат вниманието на телевизиската публика. Но зад беспрекорниот изглед на новинарката и презентерка на вести на ТВ21 се крие многу поинтересна приказна – онаа за жената што со годините научила дека убавината не е прашање на совршени црти, туку на став, знаење и самодоверба.
Нејзиното влијание одамна ги надмина телевизиските екрани. Покрај новинарската професија, таа е активна и како креаторка на дигитални содржини, а во декември 2025 година ја освои титулата Influencer Star во категоријата Life Style на U&Z Influencer Awards.
Нејзиниот јавен ангажман доби и поширока општествена димензија: во интервју објавено во мај 2026 година таа отворено зборуваше за нереалните стандарди за изглед, стереотипите на социјалните мрежи и одговорноста на инфлуенсерите.
Но што навистина гледа кога ќе се погледне во огледало? Колку ѝ значи шминката, што никогаш не прескокнува во негата и како се штити од замката на споредувањето со совршените фотографии на интернет? Со Алмедина разговараме за убавината што не се мери со филтри, за женственоста, личниот развој и најважното правило – да останете свои.
Што било убаво за вас порано, а што сметате дека е убаво денес?
Со текот на годините, мојот поглед кон убавината се промени – од надворешниот изглед кон нешто многу подлабоко и посуштинско. Порано убавината ја поврзував со физичката совршеност, а денес многу повеќе ги ценам харизмата, интелигенцијата и самодовербата.
Кои се вашите правила за нега и убавина од кои никогаш не отстапувате?
Секогаш се придржувам до три златни правила: темелно чистење на кожата, хидратација и здрав начин на живот. А под тоа не подразбирам само здрава исхрана, туку и здрави разговори и позитивни мисли. Убавината не е само она што го нанесуваме на лицето, туку и она што го носиме во себе.
Работата на телевизија подразбира секојдневно носење тешка шминка. Колку често се шминкате во приватниот живот?
На телевизија шминката е неопходна, но во приватниот живот претпочитам минимален и природен изглед. Често може да ме видите и без шминка. Кога сепак се шминкам, особено преку ден, се одлучувам за лесна пудра или ББ-крем, маскара и балсам за усни. Не сакам премногу производи – доволно ми е лицето да изгледа свежо и негувано.
Сте имале ли некогаш проблем со самодовербата?
Поврзани објави
Секој човек има моменти на несигурност, но со текот на времето научив дека вистинската самодоверба произлегува од достигнувањата и личниот развој. Наместо постојано да размислувам што би можела да променам во својот изглед, повеќе се фокусирам на усовршувањето на моите вештини, знаења и способности.
Како ги негувате духот и менталното здравје?
За мене балансот е клучен. Времето поминато со блиските луѓе, читањето книги и моментите на тишина ми помагаат да ја зачувам внатрешната хармонија. Мислам дека секој од нас треба да пронајде време за себе, далеку од секојдневната динамика и обврските.
Без кои три производи за нега и убавина не би можеле да си го замислите секојдневието?
Без добар хидратантен крем, крем за раце и балсам за усни. Тоа се трите производи што секогаш сакам да ми бидат при рака.
Како да ја зачуваме самодовербата во ерата на филтрирани и фотошопирани фотографии на социјалните мрежи?
Социјалните мрежи можат да создадат нереални стандарди за убавина, но важно е постојано да се потсетуваме дека реалниот живот не е фотошопиран. Самопочитта се гради преку прифаќање на себеси, негување на автентичноста и фокусирање на сопствените вредности, наместо преку споредување со другите.
Никогаш, ама баш никогаш не сум се споредувала со некого, освен со себеси.
Разговарала: Марија Лукаревска
ФОТО: Приватна архива, Инстаграм