Деловната елеганција одамна не значи строг костум, бела кошула и класични салонки. Модерната жена денес сака гардероба што ја следи во текот на целиот ден – од утринските состаноци и работните обврски до спонтаното вечерно излегување. И притоа, сака да изгледа беспрекорно без да поминува часови пред гардероберот.
Новата есенска сезона носи токму таков пристап кон деловното облекување: помалку строги правила, повеќе индивидуалност и внимателно избрани парчиња што лесно се комбинираат. Квалитетното сако, добро скроените панталони, миди-здолништето, впечатливите чевли и практичната чанта стануваат основа на гардеробата што изгледа моќно, а сепак ненаметливо.
Клучот е во рамнотежата – класичните силуети добиваат современ пресврт, а лежерните парчиња се комбинираат со елегантни детали. Ви предлагаме два стилски правци: една модерна класична комбинација за оние што ја сакаат префинетата елеганција и една порелаксирана варијанта за деновите кога сакате да внесете повеќе лежерност во деловниот изглед.
Вие избирате како ќе ја носите новата сезона!
Модерна класика: Елеганција со став
Ако сакате деловниот изглед да зрачи со самодоверба, но без да делува премногу строго, одлучете се за парчиња со чисти линии и внимателно избрани детали. Сако со добар крој, мантил, црн фустан или миди-здолниште се одлична основа за комбинации што никогаш не излегуваат од мода.
Оваа сезона класиката добива и малку похрабар карактер – впечатливите очила за сонце, квалитетниот часовник и високите кожени чизми внесуваат доза на луксуз и ја прават комбинацијата посебна. Не ви се потребни многу детали: доволно е едно парче што ќе го привлече вниманието.
За деновите кога сакате да изгледате особено елегантно, црниот мини-фустан во комбинација со мантил е сигурен избор. А кога ви е потребна посериозна деловна нота, изберете сако и миди-здолниште, надополнети со чизми до колена.
Поврзани објави
Опуштеност на сцената: Деловен стил без крути правила
За оние што претпочитаат порелаксиран пристап, есенската гардероба нуди многу простор за експериментирање. Широките панталони, сакоата од велур, кардиганите со животински принт и удобните мокасини се парчиња што лесно се вклопуваат во современиот деловен стил.
Посебно внимание заслужуваат кафените нијанси, кои се совршени за есента и одлично се комбинираат со беж, кремави и црни тонови. Широката јакна или сакото од велур може да бидат главниот акцент на комбинацијата, додека миди-здолништето и кожената чанта ќе ѝ дадат поелегантна завршница.
Ако сакате да внесете малку повеќе карактер, изберете кардиган со животински принт, елек или џемпер со светки. Дури и капчето може да биде интересен моден детаљ што ќе ја направи комбинацијата поинаква. Најважно е да не се откажете од удобноста – затоа што вистинскиот деловен стил треба да ја следи вашата динамика, а не да ја ограничува.
Модната порака за оваа есен е едноставна: облечете се за успех, но останете верни на сопствениот стил. Моќната комбинација не е онаа што ги следи сите правила, туку онаа во која се чувствувате самоуверено.
Подготвила: Јелена Белимарковиќ